Култура

Утре ќе бидат промовирани новите простории на библиотеката во Археолошки музеј на Македонија

Фондот на библиотеката брои преку 6.000 книги (со над 20.000 стручни и научни трудови од домашни и странски автори), меѓу кои има и многу ретки изданија

четврток, 17 мај 2018

Националната установа Археолошки музеј на Македонија утре свечено ќе ги промовира новите простории на најстарата и најголема специјализирана археолошка библиотека во државата.

Фондот на библиотеката кој брои преку 6.000 книги (со над 20.000 стручни и научни трудови од домашни и странски автори), е создаван во текот на 57 години од формирањето на првата библиотека при Археолошкиот Музеј во 1961 година и особено од 1977 до 2010 година кога оваа библиотека била во состав на библиотеката на Музејот на Македонија во Скопје. Меѓу бројните книги има и многу ретки изданија објавувани од почетокот на 20. век, а најстарото од нив потекнува од 1881 година.

Од Археолошкиот музеј велат дека повеќегодишната пауза во работата на библиотеката, од речиси 10 години, сериозно се одрази врз меѓубиблиотечната размена на Музејот и особено врз обновата на фондот.

„Благодарение на несебичниот придонес на музејските институции во Македонија и странство, како и со лични донации од нашите колеги, овој хијатус ќе биде надминат, а библиотеката на Археолошкиот музеј ќе продолжи да биде јадрото на податоци за многу идни истражувања и генерации истражувачи“, потенцираат од Археолошкиот музеј.
 

Содржината е прочитана 50 пати.