Бизнис вести

Жените треба сами да се изборат за својата позиција на професионален план

Од Сојузот на стопански комори бараат следење на европските трендови и стратегија за обезбедување еднакви можности за жените особено на повисоките позиции

среда, 16 мај 2018

И натаму во Македонија жените се на раководнн позиции многу помалку од мажите, а често за иста професија се и помалку платени. За да се зголеми уделот на жените во економијата и да се намали јазот во платите меѓу мажите и жените, од Сојузот на стопански комори бараат следење на европските трендови и отстранување на бариерите во општеството кои, за жал, се уште постојат.

Оттаму сметаат дека жената мора сама да се избори за својата позиција, но оти државата треба да создаде услови таа да може да ги покаже своите претприемачки способности.

„Само 12 отсто од вработените жени во приватниот сектор се на раководна позиција. Не дека жените не прифаќаат да бидат на раководни функции, туку ние имаме проблем во основата на општеството, бидејќи немаме консолидација на институциите и услови една семејна жена да го згрижи своето дете за да може да ги извршува своите работни задачи“, рече денеска на прес конференција Габриела Кулебанова, член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Таа смета дека е потребна стратегија за обезбедување еднакви можности за жените особено на повисоките позиции, бидејќи тие често се во позиција на работна сила на пониско ниво, а во одредени случаи работејќи ја истата професија како мажите се помалку платени за 12 проценти.

Во Македонија има вкупно 282.000 вработени жени од кои 76,3 проценти работат во приватниот сектор.
 

Содржината е прочитана 136 пати.