Култура

Изложба „Од мој агол“ во Чифте амам

На изложбата ќе бидат презентирани најдобрите фотографии од децата со аутизам изработени во текот на организираното фотографирање на различни локации од Скопје

среда, 16 мај 2018

Од 18 до 30 мај годинава во Чифте амам ќе биде поставена изложбата „Од мој агол“. Од Националната галерија на Македонија информираат дека на изложбата ќе бидат презентирани најдобрите фотографии од децата со аутизам изработени во текот на организираното фотографирање на различни локации од Скопје. Низ нивна призма и од нивен агол ни го доловија амбиентот на тоа што го доживеаја.

Изложбата „Од мој агол“ е дел од проектот „Уметност за сите“ кој е поддржан од амбасадата на Холандија во Македонија. Отворањето, коешто е закажано за 13 часот, ќе биде збогатено со настап на професионалните танчери со Даунов синдром од студиото Dancers United МК.

Националната галерија на Македонија како општествено одговорна институција од областа на културата во рамките на својата програма реализира голем број проекти наменети за ранливите категори деца со цел да ги едуцира и да ја афирмира уметноста и културата.

 

Содржината е прочитана 42 пати.