Инфо

Во Старата скопска чаршија отворена Лабораторија за урбано живеење во Скопје

Новата просторија се отвора во рамките на европскиот проект ROCK – Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови (РОК), во кој Скопје е град-репликатор кој треба да преземе дел од добрите практики од седум избрани градови и да ги имплементира

вторник, 15 мај 2018

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во Старата скопска чаршија ја отвори новата Лабораторија за урбано живеење во Скопје (Urban living lab). Станува збор за нова просторија која се отвора во рамките на европскиот проект ROCK – Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови (РОК).

„Враќањето на животот во стариот дел на градот е наша стратешка определба и затоа посветено работиме културното наследство да го направиме достапно за сите. Оваа Лабораторија треба да претставува центар на акции, односно, процесите што ќе почнат во неа ќе обезбедат нов увид во потенцијалот и во зачувувањето на културното наследство, со што ќе се создаде можност за квалитативна просторна повторна употреба, која ќе отвори работни места во креативните индустрии, истовремено ќе го ублажи влијанието врз климата и ќе овозможи демократски и фер односи“, рече Шилего на отворањето на Лабоаторијата.

Деновиве во Скопје се одржуваат голем број активности поврзани со проектот „РОК“, меѓу кои и Второто генерално собрание на кое учествуваат 36 партнери од 13 земји кои дискутираат за досегашните резултати од проектот и за идните планови.

Проектот „РОК“ се фокусира на историските центри во градовите кои ќе ги користи како „теренски лаборатории” на културното наследство и треба да покаже како тоа може да биде моќен двигател на возобновување, одржлив развој и економски раст за целиот град. Во рамките на овој проект иницијативи за регенерација на културното наследство ќе се земаат од 7 избрани градови: Атина, Клуж - Напока, Ајндховен, Ливерпул, Лион, Торино и Вилнус. Добрите практики од овие градови ќе се реплицираат и ќе бидат тестирани во три„репликатор“ градови: Болоња, Лисабон и Скопје.

Градот Скопје треба да преземе дел од добрите практики од избраните градови и да ги имплементира. Своите активности ќе ги фокусира во старото градско јадро на Скопје, а како локации на кои ќе се спроведуваат активностите се избрани тврдината Кале, Старата скопска чаршија и старото Еврејско маало.

Проектот „РОК“ е финансиран од Европската програма за истражување и иновации Хоризонт 2020.
 

Содржината е прочитана 65 пати.