Инфо

Повлечена минимална сума од европските пари од ИПАРД програмата

До 2020 година Македонија има на располагање вкупно 80 милиони евра од кои 60 милиони се европски пари, а 20 милиони евра се домашна поддршка

вторник, 15 мај 2018

Македонија досега искористила само 17 отсто од средствата од ИПАРД програмата, што Европската комисија во последниот извештај за напредокот го квалификува како незначително. Причината за слабата искористеност на европските пари се лицира кај некадарната администрација да одговори на барањата на земјодлеците и фирмите, слабата екипираност, но и кај недоволната едукација на земјоделците.

Ова беше истакнато на денешната конференција за менаџирање и искористување на ЕУ фондовите во Стопанската комора на Македонија.

Досега за ИПАРД 2 програмата се потпишани над 100 договори и тоа најмногу во преработувачката индустрија и за обнова на земјоделската механизација. А, до 2020 година Македонија има на располагање вкупно 80 милиони евра, од кои 60 милиони се европски пари, а 20 милиони евра се домашна поддршка.

„Интересот е навистина голем, самата бројка од 1.648 апликации на првиот повик во ИПАРД 2 кажува дека интересот и кај земјоделците и кај преработувачката индустрија е доста голем“, рече Никола Бабевски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој

Тој смета дека е најдобро земјава да се фокусира на правење добар, квалитетен и конкурентен производ кој ќе и овозможи и на преработувачката индустрија да повлече што повеќе пари. Според него, на македонскиот аграр му е неопходно модернизирање со паралелно прилагодување кон европската регулатива.

А, патот до европските пари не е лесен, бидејки процедурите се комплексни и со комплицирана бирократска постапка. За да се дојде до тие пари и за да се искористат што повеќе, неопходно е знаење, пренос на искуства, но и конкретна помош од државата при што мора да се вклучат и општините.

Амбасадорот на Словенија во Македонија, Милан Јазбец потенцираше дека е многу важно општините да се насочат кон повлекување на ИПАРД средствата, бидејќи програмата овозможува реализирање на голем број мали проекти од 10.000, 20.000 до 50.000 евра.

„Има доста средства во Македонија и тие досега беа претежно неискористени, што е штета, бидејки тоа е најконкретен начин како да им се помогне на луѓето на терен“, рече амбасадорот Јазбец.
 

Содржината е прочитана 94 пати.