Инфо

Град Скопје и Министерството за култура заеднички ќе ја обновуваат Универзална сала

Градоначалникот, Петре Шилегов и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски денеска потпишаа писмо за намери со кое се дефинираат активностите кои треба да почнат наредната 2019 година

вторник, 15 мај 2018

Град Скопје и Министерството за култура заеднички ќе ја финансираат изградбата на Универзална сала. Градоначалникот, Петре Шилегов и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски денеска потпишаа писмо за намери со кое се дефинираат активностите коишто треба да почнат наредната 2019 година

„Универзалната сала се враќа на Градот. За таа цел потпишавме Писмо за намери со Министерството за култура, преку кое се дефинираат активностите за унапредување на културата на подрачјето на Град Скопје преку заедничко финансирање на изградбата на Универзална сала. Во неа ќе се организираат културни и спортски настани, а граѓаните на Скопје и воопшто на Република Македонија ќе имаат можност да ги остваруваат своите општествени и културни права и вредности. Предвидено е изградбата на салата да почне во 2019 година“, најави на денешната прес-конференција Шилегов.

Се уште не е избран проектот по кој ќе се реновира објектот, а не се знае ни колку ќе чини целиот зафат. Градоначалникот рече дека во Градот постојат три проекти, но оти ниеден од нив не е соодветен, поради што тие ќе се доразработуваат за да се избере најсоодветно решение. Откако ќе биде избран и завршен проектот ќе се знае и колку ќе чини целиот зафат.

Шилегов потенцираше дека изградбата на салата ќе биде според најсовремените стандарди за безбедност, за удобност на гледалиштето и за пристапност до објектот. Изгледот и функционалноста ќе бидат задржани, со дополнителни содржини за други културни институции. Но, ќе биде сменето името Конгресен центар „Александар Македонски“ со кое објектот беше преименуван во 2015 година и повторно ќе се врати старото име Универзална сала.

 

Содржината е прочитана 65 пати.