Бизнис вести

Градежниците Ванчо Чифлиганец и Фатмир Етеми предложени за нови членови на Надзорниот одбор на Комерцијална банка

Одлуката за изборот на новите членови треба да ја днесе Собранието на акционери на Банката на седница што ќе се одржи на 14 јуни годинава

вторник, 15 мај 2018

Ванчо Чифлиганец и Фатмир Етеми се предложени за нови членови на Надзорниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје, објави Банката на Македонска берза.

Одлуката за нивниот избор треба да ја донесе Собранието на акционери на седницата што е закажана за 14 јуни годинава. Согласно Статутот на Банката, за предложените кандидати за членови на НО се гласа јавно, а одлуката за именување се смета за донесена ако за неа се изјасниле повеќе од половина од акционерите присутни на седницата.

Чифлиганец и Етеми, кои доаѓаат од градежниот сектор треба да ги заменат Маргот Џејкобс и Звоне Таљат кои поднеле оставки на функцијата член на Надзорниот одбор на Комерцијална банка.

Фатмир Етеми е сопственик на градежната компанија „ЗСФ ком“ ДООЕЛ, а Ванчо Чифлиганец на градежната компанија „Адора инженеринг“, која неодамна вложи 3,55 милиони евра во акции со право на глас во Комерцијална банка. Компанијата во средата докупи 52.189 акции со право на глас и со претходните акции што ги поседуваше стана сопственик на 7,19 отсто од акциите со право на глас во една од двете најголеми домашни банки.
 

Содржината е прочитана 116 пати.