Инфо

Од утре во оптек пластични банкноти од 10 и 50 денари

Старите книжни пари можат да се заменат во банка со нови полимерни банкноти или со ковани монети во рок од една година

понеделник, 14 мај 2018

Од утре ќе бидат пуштени во промет првите полимерни банкноти во Македонија со апоенска вредност од 10 и 50 денари. Со тоа ќе бидат заменети досегашните книжни банкноти од 10 и 50 денари кои повеќе нема да се користат како средство за плаќање. Тие, во рок од една година ќе можат да се заменат за полимерни банкноти или за ковани монети. Замената ќе се врши во комерцијалните банки, а потоа во Народна банка.

Со веведувањето на нови банкноти од 10 и 50 денари, според Народната банка почнува процесот на полимеризација на банкнотите во земјава. Со ова Македонија станува една од државите чијашто централна банка има започнато процес на полимеризација на банкнотите на националната валута.

„Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии банкноти со пониска апоенска вредност, коишто се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал“, соопштуваат од Народна .

Полимерните банкноти, за разлика од книжните, не се оштетуваат лесно и имаат многу подолг век на траење, а се деформираат и топат на температура од 120 степени Целзиусови. Се изработуваат од многу тенка, флексибилна пластична фолија која овозможува нивниот дизајн да содржи безбедносни карактеристики и заштитни знаци кои не може масовно да се репродуцираат со употреба на воспоставените техники за фалсификување.
 

Содржината е прочитана 108 пати.