Интервјуа

Од секогаш сонував да придонесам за развојот на вештачката интелигенција

Интервју со д-р Невенка Димитрова - Главен технички директор на Одделот за медицинска информатика (онкологија и геномика) во „Филипс“ и член на Одборот на директори на Македонија2025 „Медицинската информатика може да изврши огромно влијание воподобрување на состојбата кај пациентите“

понеделник, 14 мај 2018

МАРИЛИ: Госпоѓа Димитрова, Вие сте член на Одборот на директори на Македонија2025. Кажете ни кој беше главниот предизвик да се вклучите најдиректно во оваа организација и да работите на нејзините проекти?
ДИМИТРОВА:
Македонија2025, како невладина организација, има визија за економски и стратегиски развој на земјата, независно од која било политичка агенда – и тоа, според моето мислење, е многу моќна порака, бидејќи луѓето треба да разберат дека таквиот став може да стане реалност во Македонија. Друг аспект што ми се допаѓа се стипендиите и програмите за лидерство, кои даваат нов импулс во развојот на лидерските вештини во Македонија, како и во подигнувањето на свеста и во еманципирањето на помладите генерации.
Самитот на Македонија2025 е настан со долгорочно влијание. 

МАРИЛИ: Кажете ни нешто повеќе за самата бизнис-платформа „Самит на Македонија2025“. Кои се Вашите впечатоци од годинешниот настан што се одржа на 1 и 2 ноември во Скопје?
ДИМИТРОВА:
Како и секогаш, Самитот привлекува феноменални говорници и има долгорочно влијание, што се чувствува и по завршувањето на настанот. Најважен дел за мене се состаноците поврзани со Научно-технолошкиот парк, кој го замислуваме како независен истражувачки институт со долгорочна истражувачка агенда, а кој ќе помогне и во пласирањето на технолошкото претприемаштво, како својствен дел од економскиот развој на земјата. Работната група во Одборот ја сочинуваат едни од најеминентните научници од дијаспората и идеја е да се создаде јавно-приватен институт со амбиција да стане еден од водечките институти во вештачка интелигенција, наномедицина и зелена енергија.
„Филипс“ е компанија што ги поддржува големите идеи.

МАРИЛИ: Во моментов сте главен технички директор на Одделот за медицинска информатика во „Филипс“, а таму работите од 1995 година. Како стигнавте до оваа позиција, односно кој беше патот до успехот? Да тргнеме од Неготино, каде што сте родена, кога решивте да си заминете од Р.Македонија?
ДИМИТРОВА:
По дипломирањето бев во потрага по нови предизвици и средина каде што би продолжила со магистерските и докторските студии.Тргнувајќи од Неготино – мал град со старомоден шарм – тешко е да се замисли дека би го остварила својот сон. Но татко ми секогаш ме охрабруваше да размислувам глобално и долгорочно. Од секогаш сонував да придонесам за развојот на вештачката интелигенција. Во „Филипс“ почнав како научник и спроведов многу проекти од областа на процесирање дигитални сигнали, со што во даден момент сфатив дека геномиката ќе има огромен импакт врз тоа како ќе се дијагностицираат и лекуваат болестите во ХХ век. Во„Филипс“ е одлично тоа што претставува иновативна здравствено-технолошка компанија што поддржува големи идеи – и моментот навистина беше одличен за напредна аналитика на здравствената грижа во онкологијата, каде што медицинската информатика може да изврши огромно влијание врз подобрувањето на состојбата на пациентите.
Наградата „Жил Холст“ е особено признание од колегите стекнато со долгогодишна работа. 

МАРИЛИ: Дали како на странец Ви беше потешко да се реализирате и да напредувате во професијата? Дали тоа што сте од Македонија имаше некакво влијание врз градењето на кариерата?
ДИМИТРОВА:
Во областа на напредното истражување има многу луѓе што доаѓаат од странство и постои навистина меѓународен дух во заедницата каде што припаѓам – како во „Филипс“, така и пошироко, па би можело да се каже дека „мултинационалоста“ е мој дом.

МАРИЛИ: Неодамна Ви беше врачена наградата „Жил Холст“ (англ. Gilles Holstaward) – највиското признание за наука и технологија во „Филипс“, доделено од експертите во областа. Кажете ни нешто повеќе за целиот процес и за самото искуство.
ДИМИТРОВА:
Се чувствував навистина понизно по добивањето на наградата. Со оглед на тоа што ја доделуваат експертите од областа, за мене претставува еден вид особено признание стекнато преку долгогодишен труд и извршено влијание во областа на истражувањата, како внатре (на пример, преку создавање нови пристапи во истражувањата), така и надвор, преку објавување публикации, стручни списанија и одобрени патенти.
Очекувам „Seed of Life“да расте и да им помогне на луѓето да водат поздрав живот.

МАРИЛИ: Решивте да инвестирате во својата татковина во производството на органска храна, заради што ја формиравте компанијата „Seed of Life“. Зошто токму во оваа област решивте да инвестирате во Р.Македонија и кои се Вашите очекувања од оваа компанија во иднина?


ДИМИТРОВА: Имам страст за здрава храна, особено за органска, па се подразбираше да инвестирам во компанија што изработува полновредна органска храна за зафатени луѓе, како што сум јас. Очекувам пазарот да се шири, компанијата да расте и да им помогне на луѓето да водат поздрав живот. 

МАРИЛИ: Колку често ја посетувате Македонија, дали Самитот и соработката во него, освен врз бизнис-сознанијата, Ви влијае и врз другите сознанија за промените во Македонија? Гледате ли напредок во нашата татковина?
ДИМИТРОВА:
Секако, доаѓањето во Македонија има висока емотивна вредност за мене. Истовремено, чувствувам како нештата да се менуваат многу брзо бидејќи во периодот меѓу моите доаѓања (вообичаено доаѓам еднаш или двапати годишно) гледам многу промени. Тоа што сум дел од дијаспората што се обидува да изврши влијание ми дава нова надеж. Иако има огромен напредок во земјата, сепак, има уште многу работа.
 

Содржината е прочитана 341 пати.