Интервјуа

Чувството за негување на мајчиниот јазик е одлика на македонскиот народ низ вековите

Интервју со д-р Елена Јованова-Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

понеделник, 07 мај 2018

МАРИЛИ: Кажете ни нешто за себе и за својата научна и професионална кариера и за Вашиот ангажман како директорка на Институтот?
ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКА:
Од дете знаев дека ќе се занимавам со филологија: читав книги, пишував поезија и проза, добивав награди, рецитирав на Рациновите средби. Потоа граматиката ми стана прва љубов. По дипломирањето имав среќа да се вработам во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Велам „имав среќа“, затоа што во овие 28 години по нашата група од четири асистентки, во Институтот подоцна, на конкурс и со преземање, влегоа едвај уште десетина научни работници. Потоа следеше пауза од неславни 19 години без успешен конкурс за вработување научен подмладок. Во меѓувреме магистрирав и докторирав под менторство на проф. д-р Људмил Спасов, а веќе десетина години сум гостин-професор на Универзитетот ФОН во Скопје. Во меѓувреме се појавив како автор на неколку книги и коавтор на три тома од Толковниот речник на македонскиот јазик. Редактор сум на зборник со трудови што деновиве излегува во рамките на мојот проект.
Сметам дека главната задача на директорот на Институтот е да овозможи услови за научно-истражувачка, наставна и издавачка дејност на научниот кадар, да ги подигне условите за работа на соодветно ниво, како и да ги промовира достигнувањата од работата. 

МАРИЛИ: Накусо кажете ни нешто за работата на ИМЈ, од неговото основање до денес. Во времето кога Вие станавте директор е објавен нов Правопис на македонскиот јазик како печатено и електронско издание. Колку е тој „нов“, а колку надградба на поранешните изданија?
ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКА:
Инстиутот за македонски јазик годинава одбележува 65 години од основањето. Почетоците на дејноста на Институтот се насочени кон прибирање и обработка на лексичка граѓа што е основа за тритомниот Речник на македонскиот јазик (1961‒66) и Правописот на македонскиот литературен јазик (1970). Во исто време се одвиваат и интензивни теренски истражувања, прибирање на дијалектолошки и ономастички материјал, како и избор и ексцерпција на современите и на старите црковнословенски текстови. Богатиот, макотрпно собиран картотечен фонд го претствува лексичкиот фонд на македонскиот јазик на историски и на современ план. На почетокот на 2016 година излезе од печат подновениот Правопис на македонскиот јазик, а во декември 2017, во чест на Св. Климент, се појави бесплатното електронско издание на Правописот. Ова издание го потврдува континуитетот во развојот на македонскиот стандарден јазик и ги засведочува промените што наоѓаат своја потврда во практиката.

МАРИЛИ: Значајна активност на Институтот „Крсте Мисирков“ е и издаваштвото. Кои се најзначајните проекти?
ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКА:

Издавачката дејност на Институтот се реализира преку две списанија - Македонски јазик и Македонистика, како и преку три едиции: Посебни изданија, Стари текстови и Јазикот наш денешен. За нас како издавачи, подеднакво се значајни сите дела. Како најбарани и најкористени ќе ги спомнам: Толковниот речник на македонскиот јазик, Правописот на македонскиот јазик, Речникот на презимињата, свеските од Речникот на црковнословенскиот јазик со македонска редакција, недообјавениот Речник на народната поезија и зборниците од Деновите на Благоја Корубин.

МАРИЛИ: Колкав е интересот кај странците за проучување на македонскиот јазик?
ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКА:
Интересот е голем. За тоа зборува живиот интерес меѓу филолозите од светот за учество на Меѓународниот семинар за македонски јазик. Минатата година во Институтот престојуваше и го изучуваше македонскиот јазик колегата Луо Џун од Кина. На крајот од својот престој тој учествуваше со реферат на првите Отворени денови на Институтот.

МАРИЛИ: Колку е стар македонскиот јазик во рамките на словенските јазици?
ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКА:
Македонскиот јазик е стар колку и другите словенски јазици. Да не заборавиме дека првата словенска писменост била на овие простори со делото на браќата Св. Кирил и Методиј, а за што сведочи и Охридската книжевна школа на Св. Климент и на Св. Наум. Со развојот на варијантите на црковнословенскиот јазик се развива и македонската варијанта, што во 19. век ја дава основата на идниот литературен македонски јазик, а е кодифициран во 20. век во македонската држава во рамките на ФНРЈ.

МАРИЛИ: Каков е денешниот македонски јазик, колку Македонците си го знаат и го говорат правилно мајчиниот јазик?
ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКА
: Станува збор за ситуациона употреба на македонскиот јазик. Секој писмен граѓанин треба да го практикува стандардниот македонски јазик и ситуационо да ги користи колоквијалната и дијалектната варијанта. Тие што не се образувале доволно, остануваат на ниво на просторечие. Пред повеќе години спроведов социолингвистичко истражување кај 2 отсто од студентската младина во Македонија. Се покажа дека идната интелектуална сила знае ситуационо да го користи јазикот, а темата за разговор е главниот критериум за избор на јазичните средства. Ова зборува дека кодифицираниот македонски јазик од 1945 година е во широка употреба и може да одговори на сите современи предизвици. 

МАРИЛИ: Дали се прави нешто за да се зачува македонскиот јазик кај дијаспората. Какви се Вашите сознанија, колку брзо се асимилира македонското население, особено во оние држави каде што нема центри во кои се зборува или се изучува мајчиниот јазик?
ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКА
: Ние како Институт испраќаме, па и лично носиме наши изданија до сите лингвистички центри и до лекторатите во Европа и Америка, како и до македонските иселенички друштва. Ние сесрдно ќе ги поддржиме најавите од Владата и од Советот за македонски јазик за помош при учењето на македонскиот јазик меѓу иселениците. Сметам дека особено третата генерација има проблеми со усвојувањето на мајчиниот јазик и ѝ треба нашата помош.

МАРИЛИ: Нашиот литературен јазик е многу динамичен и постојано трпи корекции. Имате ли сознанија колку такви промени се направени во последнава декада, а се веќе преточени во речник или во правопис?
ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКА:
Македонскиот, како секој жив јазик, живее заедно со народот. Сите промени во општественото живеење се одразуваат во јазикот, пред сè на лексички план. Во Тритомниот речник на македонскиот јазик (1961-66) како архаични или историзми се евидентирани турцизмите од отоманското уредување. Во Толковниот речник (2003-14) застарени се лексемите од социјалистичкото уредување, а како нови навлегуваат интернационализмите и англизмите. Време е да се пријави нив проект или докторска дисертација што ќе ги уточни податоците за новата лексика што може да најде свое место во подновениот Толковен речник на македонскиот јазик.

МАРИЛИ: Како се бориме за да си го заштитиме јазикот, има ли начин да се спротиставиме на сѐ почестата употреба на странски зборови не само во секојдневниот говор, туку и во пишаниот збор? Каква е иднината на македонскиот јазик? 
ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКА
: Негувањето и заштитата на мајчиниот јазик започнува во семејството. Особено е битно влијанието на училиштето, на електронските и другите медиуми и, секако, проучувањата од нас, научниците и афирмацијата од државата. Историјата познава јазици со престиж или доминантни јазици. Таков бил францускиот во Европа, а кај нас турскиот и српскиот. Сè додека влијанието е само на лексички план, нема опасност. Зборовите влегуваат, живеат, одат во пасивниот лексички фонд и се губат. Не смееме да дозволиме да навлезат на граматички и синтаксички план. Странските зборови влегуваат од помодарски причини и од немарност т.е. немање желба за преведување.
Македонците низ вековите се покажаа како жилав народ со чувство за негување на мајчиниот јазик. „Јазикот е наше духовно благо“ вели Крсте Мисирков. Верувам дека македонскиот народ и македонската држава ќе го сочуваат за следните генерации низ вековите.


 

Содржината е прочитана 208 пати.