Бизнис вести

Берзата со најдобри резултати во последните 10 години

Првото тримесечје годинава е најдобриот квартал во последната деценија, и како вкупен промет и како тргување во БЕСТ системот. До вчера вкупниот промет по сите основи изнесува над 82 милиони евра

петок, 04 мај 2018

„Берзанската статистика во првите четири месеци од 2018 година, гледано историски и компаративно, е повеќе од добра. Годинава, до вчера вкупниот промет по сите основи е над 82 милиони евра, а за споредба, за цела 2017 година, овој податок изнесува околу 77 милиони. Првото тримесечје годинава е најдобриот квартал во последната деценија и како вкупен промет и како тргување во БЕСТ системот. Подобри перформанси немало од 2008 година“, рече Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза, на 19. годишна конференција што се одржува во Охрид.

Тој потенцираше дека расте и тргувањето со акции и обврзници во БЕСТ (41 отсто, односно 210 проценти), додека просечниот дневен промет во класичното тргување изнесува над 300.000 евра, а просечниот дневен број на трансакции се ближи до 100 дневно.

„Вкупните добивки на котираните компании, базирани на неревидираните годишни извештаи, бележат раст од над 6 проценти и изнесуваат околу 196 милиони евра“, рече Штериев.

Сепак, тој смета дека се уште има бројни проблеми на пазарот на капитал, дека се тргува со исти финансиски инструменти, компаниите не го гледаат развојот преку овој пазар. Исто така, учеството на странците во прометот е многу ниско, а нема ни јавни понуди и нови котации.

Министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека заживувањето на Берзата е добар сигнал за економијата.
„Довербата во македонската економија се враќа. Тоа го покажува огромниот интерес на инвеститорите за еврообврзницата издадена на почетокот на годината со истористи најниска камата, но и 30-годишната обврзница. Прв пат влегоа странски инвеститори на домашниот пазар“, рече Тевдовски, кој очекува политичката стабилизација и позитивните движења кон евроатланските интеграции уште повеќе да го стимулираат растот на економијата.

Сепак, сите не се толкави оптимисти. Ексминистерот Трајко Славески вели дека треба да се потпреме, пред се, на домашните ресурси и тука да се бара излезот.

Поранешниот министер, а сегашен советник на премиерот, Фатмир Бесими вели дека нема правило дали е подобро да се дава државна помош на странски или на домашни инвеститори.

„Странските директни инвестиции имаат исклучително значење за развојот на економијата, носат нови технологии и нови пазари. Клучот е тие да се поврзат со домашните фирми, што воопшто не е едноставно, бидејќи тие доаѓаат со свои добавувачи“, рече Бесими.
 

Содржината е прочитана 32 пати.