Култура

ПРОМОЦИЈА НА РОМАНИТЕ „КАМЕНУВАНА“ И „ДО КОГА САМО ЛОШИ ВЕСТИ“

петок, 04 мај 2018

На саемот на книгата, на штандот на книгоиздателството „Бата прес“, денес ќе бидат промовирани македонските изданија на романите „Каменувана“ од норвешкиот автор Томас Енгер и „До кога само лоши вести“ од британската авторка Кејт Аткинсон.

Крими трилерот „Каменувана“ од познатиот норвешки писател Томас Енгера од норвешки го преведе Искра Бадева.

Тој е прв во серијата стории за новинарот Хенинг Јул, кој по подолго отсуство, поради семејна трагедија се враќа во редакцијата на електронскиот интернет весник и добива задача како репортер да пишува за бруталното злосторство во еден познат парк во Осло, каде што во еден шатор е пронајдено телото на убиена млада девојка. Првите сомненија се дека станува збор за таканаречено „убиство од чест“, а полицијата се сомнева во нејзиниот младич, пакистански мигрант. Во потрага по вистината Хенинг Јул, кој и самиот е сведок на нови убиства поврзани со овој случај, осознава дека случајот и не е така едноставен како што изгледа. Богатото и на прв поглед мирно Осло и скандинавскиот мир го разбиваат скандалите, бандите, емигрантите, расистите, сензационализмот во новинарството и електронските медиуми...

Томас Енгер (1973) е норвешки новинар, писател на криминалистички бестселери преведени на повеќе од 20 јазици. Освен со пишување тој се занимава и со музика. Живее и работи во Осло. Објавувањето на романот на македонски го помогна норвешката агенција НОРЛА.

Психолошкиот крими трилер „До кога само лоши вести“ од познатата британска писателка Кејт Аткинсон, на македонски го преведе Елена Маџоска-Шикоска. Поранешниот полициски детектив Џексон Броди има тешки повреди и ја губи меморијата по една железничка несреќа. Животот му го спасува и сеќавањето му го враќа шеснаесетгодишната Реџи, која и самата ја доживеала трагичната смрт на мајка ѝ. Малечката Џоана Мејсон со фамилијата полека се враќа дома по нивната вообичаена патека. Еден момент подоцна, таа е сведок на ужасно злосторство и нејзиниот живот е променет засекогаш...

Овие три и многу други ликови се среќаваат на неочекуван и на многу непредвидлив начин. Во низа трагични настани е отсликано совремието преполно со убиства, криминал, сплетки, уцени, сменети идентитети...

Романот е позитивно оценет од критичарите во „Гардијан“, „Сандеј тајмс“ и „Њујорк Тајмс“, а авторката Кејт Аткинсон ја сметаат за достоен наследник на Агата Кристи.

Кејт Аткинсон е родена на 20 декември 1951 година. Три пати ја освоила престижната британска книжевна награда Costa Book Award со романите Зад сцената на музејот, Живот по живот и Бог во урнатините. Во 2011 година за своето творештво е одликувана со Орден на британската империја. Магистрирала англиска литература на универзитетот во Данди, а докторирала во областа на американската литература.


 

Содржината е прочитана 141 пати.