Инфо

НБРМ ја задржува проекцијата за раст на БДП од 3,2 проценти

Првиот човек на НБРМ, Димитар Богов смета дека доколку не се избере гувернер, ќе се блокира работата на оваа институција значајна за стабилноста на економијата

четврток, 03 мај 2018

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) ја задржува проекцијата за раст на БДП за годинава до 3,2 проценти и до 3,5 проценти за наредната година. Останува и проектиранат инфлација на околу два отсто.

Како што рече денеска на прес конференција гувернерот на НБРМ, Димитар Богов носечки фактори за растот во 2018 година се извозот, инвестициите и личната потрошувачка.

Богов смета дека доколку не избере гувернер ќе се блокира работата на оваа институција значајна за стабилноста на економијата.

„Некои одговорности на гувернерот се исклучиво негови, како што се донесување одлуки за каматни стапки, ликвидност или за банкарскиот сектор и не може да се префрлат на други. Затоа ако не се избере гувернер, ќе биде сериозна закана за стабилноста на економијата“, рече Богов и потенцираше дека може да биде посебно проблематично доколку се повторат одредени шокови какви што имавме во одделни години до 2015 година.

Сепак, тој верува дека ќе се дојде до компромисно решение и ќе се избере гувернер во законскиот рок . Богов очекува да се испочитува Законот за Народната банка кој е усогласен со европските норми, односно, како што рече, партиите да се однесуваат европски и да го имаат предвид интересот на државата.

„Верувам дека, ако има добра волја ќе се избере најдобриот кандидат, човек професионалец кој ќе може успешно да ја води Народната банка“, рече Богов.
 

Содржината е прочитана 72 пати.