Инфо

Донесен Законот за финансиска поддршка на инвестициите

Вицепремиерот Коќо Анѓушев појасни дека Владата не е против странските инвеститори, но оти не се согласува со начинот на кој претходно се трошени парите за поддржување странски инвеститори

четврток, 03 мај 2018

Собранието на Република Македонија денеска го донесе Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев образложувајќи го Законот рече дека тој ќе биде на задоволство на целокупната економија во Македонија. Тој појасни дека Законот е плод на многу дискусии и направени анализи во државата, пред сѐ, од Светска банка, од стопанските комори, од Виенскиот економски институт, кои се земени во предвид и од кои е направен сет мерки кои ќе бидат максимално транспарентни и поддржувачки и за домашни и за странски инвестоитори, кои со овој закон се изедначени.

„Аплицирањето за овие мерки е транспарентно и во согласност со одредени критериуми. Се работи за компании кои задоволуваат два основни критериума – да имаат пораст на приходите во тековната година во споредба со претходните три години и второ, тие компании да не намалуваат број на вработени, освен во текстилната и кожарската индистрија каде овие критериуми ги олабавивме за да може тие индустрии да бидат опфатени“, рече Анѓушев.

Тој појасни дека единствени корисници на овој Закон ќе бидат производно ориентирани компании и дека ќе има доволно средства за сите кои ги задоволуваат критериумите што е направено врз база на математички модел и врз симулација која е прецизно изготвена од надворешни личности. Законот, како што рече, е максимално компатибилен со Законот за државна помош.

Вицепремиерот потенцира дека никој во Владата не е против странските инвеститори, но оти не се согласуваат со начинот на кој претходно се трошени парите за поддржување странски инвеститори.

 

Содржината е прочитана 87 пати.