Култура

ПРОМОЦИЈА НА БЕСТСЕЛЕРОТ „СНЕГОВИТЕ НА ЉУБОВТА“ ОД НЕРМИН БЕЗМЕН

четврток, 03 мај 2018

Денес, на првиот ден на годинешниов саемот на книгата на штандот на книгоиздателството „Бата прес“ ќе биде промовиран бестселерот „Снеговите на љубовта“ од познатата турска и американска авторка Нермин Безмен.

Романот на македонски јазик се објави во декември 2017 година и веднаш по објавувањето стана хит и е една најпродаваните книги во електронските и класичните книжарници во Република Македонија. Објавувањето на романот го поддржа Министерството за култура.

Станува збор за вистинита љубовна приказна која се одвива непосредно пред, во текот и после Првата светска војна и Октомвриската револуција во Русија. Младиот царски офицер од Јалта, Сеит, на бал во Москва ја запознава и се вљубува во занесната млада руска благородничка Шура. Волшебниот миг во кој им се сретнуваат погледите засекогаш ќе ја определи нивната судбина. Од живописната Јалта на крајот на XIX век, до волшебната раскошна Москва, престолните Петроград и Цариград, оваа трогателна сторија ги следи Сеит и Шура, што во опасниот виор на историски превирања се борат само за едно – правото на своја љубов.

Сеит е со турско етничко потекло, тој е коњички офицер, миленик на царот Николај Романов, а по бегството од црвената револуција на Ленин и Троцки, тој станува пријател со таткото на современа Турција Кемал Ататурк.

Според безвременската и легендарна сага на Нермин Безмен, напишана според вистинити настани, снимена е една од најскапите и најпопуларните телевизиски серии која под наслов „Снеговите на љубовта“ беше прикажувана и кај нас... Од првата објава во 1992 до 2014 година објавени се 45 изданија на овој бестселер, а романот од турски и англиски е преведен на голем број јазици. „Бата прес“ во рамките на едицијата „Книга достапна секому“ ги обезбеди правата за објавување на македонски јазик на вториот дел од оваа историска сага.

Нермин Безмен е родена 1954 година, во Турција, каде што и одраснала. Школувањето го продолжила во Невада, а првиот допир со книжевноста го имала во 1991 година, кога ја објавила збирката песни „Љубовта што буди“. Тогаш веќе била многу познат новинар и телевизиски водител, кога, по осум години истражување на своите корени во Крим, во Русија, Прусија, Романија и Франција ја напишала историската сага, љубовната приказна за Сеит и Шура.
 

Содржината е прочитана 250 пати.