Инфо

Град Скопје воведува приемни денови за прашања околу данокот на имот

Секој вторник и петок од 9 до 16 часот во даночните одделенија во барака бр. 15 ќе има дежурни правници кои на граѓаните ќе им пружаат помош околу предметите поврзани со даноците

среда, 02 мај 2018

Градот Скопје информира дека воведува два приемни дена за прашања околу данокот на имот. Почнувајќи од 7 мај, вторник и петок ќе бидат деновите кога во бараката број 15 (даночни одделенија) во периодот од 9 до 16 часот на граѓаните ќе им бидат на располагање дежурни правници за полесно да ги решат проблемите околу плаќањето на даночната обврска.

Од Градот велат дека оваа новина се воведува со цел побрзо и поефикасно работење на даночната администрација, особено во делот на решавањето на пријавите и барањата по предмети по основ на данок на имот.

„Во насока на подобрување на даночните услуги за граѓаните, Градот Скопје од 1 јануари воведе двосменско работење во барака број 16, со работно време од 7,30 до 19,30 часот за прием и издавање документи поврзани со даноците на имот. Исто така, со цел поедноставување на процедурите во врска со даноците на имот, во Град Скопје веќе подолг временски период дежурен правник и проценител во барака број 16, соба 2 во периодот од 8,30 до 16,30 часот секој работен ден извршуваат проценки на имот и даваат правни совети на граѓаните во врска со нивните поднесоци во даночното одделение“, се вели во соопштението од Град Скопје.
 

Содржината е прочитана 114 пати.