Бизнис вести

„Алкалоид“ со позитивни финансиски резултати

Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари-март 2018 година продажбите достигнуваат 1.845.629.963 денари, што е за 4 отсто повеќе во споредба со истиот период лани, додека единечната нето добивка изнесува 215.295.378 денари и е зголемена за 6 отсто

среда, 02 мај 2018

„Алкалоид“ оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – март 2018 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.

Според единечниот Биланс на успех, во првите три месеци од годинава продажбите достигнуваат 1.845.629.963 денари, што е за 4 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА) бележи зголемување од околу 7 отсто, додека единечната нето добивка изнесува 215.295.378 денари и е зголемена за 6 отсто.

Во периодот јануари-март 2018 година остварени се вкупни консолидирани продажби во висина од 2.458.001.587 денари, што е за 5 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Консолидираните продажби реализирани на домашен пазар се на исто ниво, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 9 отсто.Од вкупните консолидирани продажби, 36 отсто се на домашен, а 64 проценти се остварени на странски пазари.

Најголеми продажби се остварени во земјите од Југоисточна Европа - 34 отсто, потоа следуваат Русија и другите земји од ЗНД каде се остварени 8 проценти, па земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) со остварени 20 отсто и на останатите пазари се остварени 2 отсто.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 85 отсто, потоа следуваат сегментите Козметика со 8 отсто, Хемија, Билкарство со 4 отсто и Хемија учествува со 3 проценти.

Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), достигнува 414.007.823 денари и бележи раст од 6 отсто додека нето консолидираната добивка во износ од 246.800.792 денари е зголемена за 7 отсто.

„Алкалоид“ речиси трикратно ги зголеми и вкупните инвестиции во основни средства, кои во периодот јануари – март 2018 година изнесуваат 357.342.100 денари.

Во првите три месеци од годинава во компанијата се реализирани и 51 ново вработување.


 

Содржината е прочитана 131 пати.