Интервјуа

Македонската кошарка го плаќа данокот на нестручноста

Интервју со Боби Митев, кошаркарски тренер кој повеќе од 27 години гради завидна кариера во странство. Во последните две сезони, под негово водство турскиот прволигаш Банвит ги оствари најголемите успеси во историјата. Со Митев разговаравме за неговата кариера, планови, но и за состојбите во македонската кошарка и што треба да се стори за таа да се врати на местото што ѝ припаѓа

среда, 02 мај 2018

МАРИЛИ: Ви истекува договорот со клубот Банвит и рековте дека немате намера да го продолжите. Какви се плановите за натаму, имате ли нови понуди и каде ќе ја продолжите кариерата?
МИТЕВ
:Сезоната 2016/2017 кога потпишавме договор со важност на две години, беше воедно најуспешната сезона во историјата на Банвит. Како и секој добар менаџер, газдите, кои го раководеа клубот повеќе од успешно 25 сезони, токму после сите тие успеси решија да го продадат својот бизнис (индустрија за производство на месни поизводи) и да го предадат раководењето на новите сопственици. Тие, пак, не покажаа желба да го пратат проектот „Банвит“ и се согласија во следните две сезони сукцесивно да го намалуваат буџетот на клубот, за во сезоната 2019/2020 клубот да биде препуштен сам на себе. Односно, потребно е да се пронајде нов спонзор, чии годишни вложувања ќе мора да бидат помеѓу три и четири милони евра.
Самото тоа што буџетот е намален оваа сезона, а ќе биде намален и следната, не ни дава можност (мене и на Сашо Филиповски) да ги изразиме нашите кошаркарски желби. А, тоа е можност да бидеме едни од кандидатите за највисок пласман и освојување на Купот, или на титула во турскиот шампионат. Па, оттаму и мојата желба за промена.
Конкретни понуди нема, само некои прелиминарни разговори. Воедно, за мојата кариера се грижи мојот агент Никша Тарле. Но, ставот е јасен - не останувам во Банвит. Излегувам на пазар, па кој ќе понуди најмногу и најамбициозно,ќе биде мој следен работодавец. 

МАРИЛИ: Турскиот прволигаш Банвит под Ваше водство ги оствари најголемите успеси во својата историја, го освои Купот на Турција и стаса до финалето на Лигата на шампиони на ФИБА. Тоа, несомнено е голем успех, секако на тимот, но и Ваш. Зошто и покрај тоа не останувате во Бандирма, дали Ви се потребни промени?
МИТЕВ
: Промени се потребни тогаш кога една екипа не ќе може да ги задоволи барањата и желбите на тренерот. Моите желби се да се биде конкурентен со екипите од турското првенство. Но, со намален буџет тоа просто се граничи со теорија. Оваа сезона, иако со скромни средства, сеуште сме добро позиционирани. Но, резултатот оваа сезона е нешто неверојатно, бидејќи играме со 5 голобради момчиња – двајца родениво 1997 и тројца во 1999 година. Идејата за следната сезона е да одиме „во пакет“ со Филиповски. Но, не ја исклучувам можноста повторно да преземам некоја екипа и како прв тренер да продолжам по својот пат. Се зависидали моите амбиции ижелби ќе се поклопат со амбициите и желбите на екипата.

МАРИЛИ: Целата кариера како да Ви е врзана со Сашо Филиповски. Со него сте и сега. Од кога почна таа соработка и дали ќе продолжи и понатаму?
МИТЕВ:
Со Сашо Филиповски се знам уште од училишните денови, кога игравме баскет на кошот на ОУ„Едвард Кардељ“ (сегашно „Ѓорѓија Пулевски“) во Аеродром. Во 1989 година тој се пресели во Словенија, а сосема случајно се споивме повторно во 1999 година кога јас заминав таму на усовршување. Одлично се вклопивме заедно, три години работевме во тимот на Туров, потоа и во Локомотив Ростов, но најголемите успеси ги остваривме со Банвит.Идејата е следната сезона повторно да одиме заедно. Има понуди од Литванија, Франција,Грција, Израел, Турска. Се надевам дека до 1 јуниќе се случи нешто конкретно. 

МАРИЛИ: Македонија ја напуштивте многу млад, на само 27 години и изградивте завидна кариера во странство. Каде се работевте во изминативе повеќе од две децении?
МИТЕВ:
Почнав во 1994/1995 година во Работнички кој беше шампион на Македонија, исто и во следната сезона. Потоа, од 1996 до 1998 година бев асистенттренер на сениорскиот тим на МЗТ кога го освоивме второто место, па во КК Соколи кои станаа прваци на Македонија. Потоа повторно бев во МЗТ, па следуваа Вардар и Компрад. Од 2003 до 2006 бев во тимот на Анвил во Полска, и во следните три сезони останав во Полска, нo во Туров. Во 2009 година севратив во МЗТ како главен тренер и тогаш го освоивме третото место на македонскиот национален шампионат. Наредната сезона бев главен тренер на Башкими од Косово, потоа следуваа Алба од Берлин, паУниверзитетскиот тим на Србија со кој освоивме златен медал на Универзитетските игри во Кина, па бев помошник тренер на сениорскиот тим на Иран. Во сезоната 2015/2016 повторно се вратив во Македонија како главен тренер на Кожув, за во 2016/2017 година да дојдам во Банвит, како помошник тренер.

МАРИЛИ: Вие сте дете на скопски Работнички. Зошто заминавте од Македонија, пробавте ли воопшто да работите во својата земја?
МИТЕВ
: Покрај Работнички, поголемиот дел од мојата кошаркарска кариера е врзан за МЗТ. Во периодот од 2001 до 2003 година работев во КК Компрад, главен тренер на сениорската женска екипа и координатор на машкиот младински погон. Тогаш разбрав дека селектор, па и тренер во Македонија се станува по партиска линија и тоа беше причината која ме натера да одам надвор. Вториот дел од приказната е дека во Македонија, свестана луѓето во кошарката беше и остана на ниско ниво. Мене лично ми беше потребно развивање нови хоризонти, нови идеи.Не погрешив. Во европски рамки котирам како добар тренер, но повеќе ме препознаваат како еден од најдобрите европски аналитичари и дефанзивни коодинатори (за појаснување: со Филиповски работата е поделена на офанзивен координатор и тренер за ниски играчи и одговорен за дефанзивен дел и работа со високите играчи).
Во 2009 година се вратив да му помогнам на МЗТ и навистина се чуствував прекрасно, тоа беше една извонредна екипа и прави скопски момци, како Едис Нури, Мики Деспотовиќ, Синиша Аврамовски, Деко Нешовски, Даре Соколов, Горан Мирковски, легендата Перо Блажевски, кои гинеа на тренинг и на утакмица.Моето второ враќање беше во 2014 година, но тогаш сам сакав да бидам дома. Се чуствував уморен талкајќи по бел свет. Она на што наидов во МЗТ беа размазени деца со многу пари, без чувство на кошаркарска реалност. Многу е лошо кога како менаџер (тренерот е менаџер, бидејќи соработува или координира управа со играчи и сите треба да ги пратат неговите идеи на терен),ќе наидеш на неамбициозни играчи и на екипа која не си ја селектирал (јас дојдов на местото прв тренер по оставката на Змаго Сагадин). Кога по тримесечна анализа ја проценив ситуацијата и кога видов дека нема добар раководен кадар во управата, решив да заминам. Сепак, моето второ враќање дома ако не беше успешно на кошаркарски план, беше успешно наприватен план. 

МАРИЛИ: Денеска, речиси да не постои успешна екипа без „големи“ имиња во своите редови. Дури и во националните тимови има натурализирани играчи. Буџетот на еден клуб, секако дека е многу важен за успех. Но, колку, според Вашето искуство, финансиите се пресудни за остварување на амбициите на еден тим, па и на една репрезентација, бидејќи јасно е дека без да се купат тие ѕвезди тешко се постигнуваат врвни резултати?
МИТЕВ
:Без пари нема љубов. Колку вложувањата се поголеми, толку и очекувањата и притисокот се поголеми. Но, секако дека и можноста за реализирање на плановите е поголема. Подобри играчи, подобар резултат.Но, се зависи од тактиката штоќе ја подготват тренерите (која мора да е во согласност со индивидуалните карактеристики на играчите) и од хемијата што ќе се создаде помеѓу играчите.

МАРИЛИ: Иако сте надвор од државата, може ли да ја прокоментирате состојбата во македонската кошарка денес? Можеби ракометот е спорт број 1 во Македонија, но, кошарката има многу долга традиција. Па, сепак, македонската, и клупска и репрезентативна кошарка никако да отскокне. Каде го лоцирате проблемот?
МИТЕВ
: Пред се,во лошото менаџирање на Федерацијата и клубовите. Сите некако зборуваат за ладни и за лоши, стари сали, за немање публика. Проблемот ќе го лоцирам на следниот начин:
Кој е основниот двигател во кошарката? Играчите
Како да созададеме играч? Со квалитетентренинг и со квалитетни услови за тренинг.
Квалитетни услови за тренинг се тие што ги има во Македонија (школски сали, топли или ладни). Но, квалитетен тренинг? Тренингот зависи од тренерот. А, кој работи со нашите таленти? Тренери почетници кои прават грешки и се учат на нашите таленти.Мојот став е дека секој млад играчили тренер има право на грешка повеќе од некој кој е искусен. Но, зада се најде дијамант, не треба многу филозофија. А, за да се избруси, потребно е искуство и време.Со младите кадри треба да работат најискусните тренери од типот на Цефка, Сашо Димитријевиќ, Кицо, Даре, Никола Божиновски, кои треба „дебело“ да се платени. Тоа значи дека првите вложувања на секоја сериозна екипа треба да бидат на ова поле. Второ, секој клуб мора да има свој фитнес тренер и медицински штаб, кои ќе бидат дел од клубот со години и ќе работат како тим за оспособување млади играчи.
Во една сериозна екипа само сениорскиот тренер се менува, се дуго останува исто во период од 5 години. Тоа е моја претпоставка колку време е потребно да се создадеиграч. А, потоаследува резиме за тоа што е направено и дали вложувањата соодветствуваат на конечниот производ. Имаме нови млади играчи или не.Што ќе биде понатаму, зависи од одговорот на ова прашање.
И, за крај. Тешката економска ситуација во Македонија се одразува и на кошарката. Пред 20 години секој кој остана без работа во периодот на транзиција, стана таксист.Пред 10 години сите станаа тренери и отворија школи за кошарка. Данокот на нестручноста се плаќа денеска. 

МАРИЛИ: Македонската кошаркарска федерација со години ја пратат проблеми и афери. Судирот што почна во 2015 година меѓу тогашното раководство на КФМ и дел од клубовите, со повремени прекини продолжи и натаму. Се менуваа тренерите, а најдобрите играчи ја напуштија репрезентацијата. Јавноста е поделена околу случувањата, особено околу јавно искажаната нетрпелливост меѓу првиот човек на КФМ, Петар Наумовски и нашиот најдобар кошаркар Перо Антиќ. Сметате ли дека личните интереси се ставаат пред интересите на Федерацијата и воопшто пред кошарката во Македонија?
МИТЕВ:
За личните интереси треба да го прашате Наумовски. Само тој има лични интереси во кошарката. Знам само дека МКФ овие години ја девалвираше целата кошаркарска фела: донесе тренери по географија од Америка да се зезаат со нашите најталентирани играчи, донесе втор ешалон турски судии да судат финале, анонимус за селектор, наместо маестралниот Џикиќ. Ако ме прашувате за конфиктот Перо - Пеце? Перо е еден и единствен и неговото искуство е потребно. Но, не само на терен. Можеби како следен претседател на Федерација.Но, за мене единствено решение за доброто на мак-баскетот еТоми Главчев запретседател. Чесен, кошаркарски инфициран до максимум, визионер. 

МАРИЛИ: Што треба да се направи, од каде треба да се тргне за кошарката да се врати на местото што ѝ припаѓа? Има ли Македонија капацитет за повторување на историскиот пласман од пред седум години кога на Европското првенство во Литванија го освои четвртото место?
МИТЕВ:
Со години протежирам еден концепт. А тоа е следниот: од 1.10 до 1.01 секоја година се игра Куп на Македонија, по примерот лига-систем. Нема испаѓање од лига и секоја екипа игра само со домашни играчи. Шампионот на таа лига се стекнува со титулата освојувач на Купот на РМ. Од 15.01 до 1.06 се игра првенство на Македонија во кое ќе има максимум тројца странци (доколку некоја екипа настапува во евро-куповите може да си дозволи уште тројца коиќе ротираат).Следен чекор -нема странци во сениорска конкуренција додека создаваме репрезенација. Но, затоа во младите категории, ако се најдат добри и перспективни играчи, зошто да не. Потоа, едукација на кадри надвор од Македонија, но само одбрани од тренерскакомисија која е независна од КФМ (а не како сега).Перманентен циклус на едукација на националните младински селекции како издвоени екипи во текот на една сезона.За ова се потребни парични средства.Но и тоа не е невозможно.
За крај, за сето ова да биде наша реалност, решение се само Главчев или Антиќ.

 

Содржината е прочитана 1154 пати.