Култура

ПОЗНАТАТА ФИНСКА ПИСАТЕЛКА САЛА СИМУКА ДОАЃА ВО МАКЕДОНИЈА

понеделник, 30 април 2018

Најпознатата современа финска писателка Сала Симука (Salla Simukka), авторка на бестселерите за млади „Црвена како крв“, „Бела како снег“ и „Црна како абонос“ го потврди своето доаѓање во Македонија, а љубителите на книгата ги поздрави со посебно видео обраќање на социјалните мрежи. За време престојот во Македонија, нејзините три романи што во издание на „Бата прес“ се објавени на македонски јазик, на 8 мај ќе бидат промовирани во официјалната програма на Скопскиот саем на книгата. Тој ден на штандот на издавачот во спортскиот центар „Борис Трајковски“, Сала Симука ќе се сретне со посетителите и на читателите ќе им ги потпишува и посветува своите дела.

Најпознатите дела на Сала Симука се психолошки, крими трилери во кои главниот лик - младата тинејџерка Лумики Андерсон, без да сака, запаѓа во безброј драматични и опасни ситуации кои сведочат за урбаната и забрзана динамика на живеење во нашето време. Романите на фински се објавени во трилогијата „Снежана“, односно авторката инспирација црпела и од бајките за Снежана, според кои ги дала насловите на книгите. Делата на Сала Симука се преведени во преку 50 држави во светот и се светски бестселер што сведочи дека добрата книга не познава граници, мали и големи јазици или држави.

Сала Симука (1981) е авторка на романи за млади. Студирала нордиска филологија и книжевност, креативно пишување и родови студии на универзитетот во Турк. Делата и авторката станаа книжевен феномен веднаш по нивното објавување, а наскоро во Холивуд се очекува според сценарио од овие светски бестселери да биде снимен и игран филм. Авторските права за романите досега се продадени во 52 земји во светот. Романот „Црвена како крв“, беше една од најпродаваните преведени книги на минатогодишниот саем на книгата во Скопје.

https://www.facebook.com/SkopjeFair/videos/1646778908693246/

 

 

Содржината е прочитана 143 пати.