Инфо

Иванов повторно го предложи Богов за гувернер на Народна банка

Од Кабинетот на претседателот велат дека со цел Македонија да добие гувернер кој најодговорно ќе ја извршува оваа значајна функција, Иванов извршил консултации со Сојузот на Стопански Комори, со Стопанската комора на Македонија, со Здружението на банкарството, со МАНУ и со други релевантни фактори од оваа област

понеделник, 30 април 2018

Претседателот Ѓорге Иванов, повторно го предложи Димитар Богов за гувернер на Народна Банка на Република Македонија. Согласно своите овластувања, претседателот Иванов, предлогот го достави до Собранието на Република Македонија.

Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на шефот на државата, со цел Република Македонија да добие гувернер кој најодговорно ќе ја извршува оваа значајна функција, претседателот Иванов во изминатите два месеци изврши консултации со Сојузот на Стопански Комори, со Стопанската комора на Македонија, со Здружението на банкарството, со МАНУ и со други релевантни фактори од оваа област и се водеше исклучиво од квалитетот и професионалноста на личноста која ја предлага.

„Водењето на монетарната политика и севкупното централно-банкарското работење во нашата држава, во континуитет е позитивно оценувано во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија. Од 2015 година па наваму, Народната банка на Република Македонија, според оценките на ЕК бележи одличен напредок во остварувањето на своите цели и задачи, во согласност и со законодавството на ЕУ. Во тој контекст особено е нотирано постигнувањето и одржувањето на ценовната стабилност, одржувањето на девизните резерви, одржувањето на фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото и користењето на операциите на отворениот пазар и задолжителната резерва. Позитивно се оценува и усогласувањето на правната рамка на монетарната политика со легислативата на ЕУ и активностите за обезбедување на функционална и институционална независност на централната банка“, се посочува во соопштението.

Димитар Богов е гувернер на НБРМ од 2011 година. Тој има 23-годишно работно искуство од кое девет години на раководни позиции во јавниот сектор, една година во областа на деловните консултантски услуги и четири години на висока раководна функција во најголемата македонска банка. Богов работел како раководител во Државниот завод за статистика и во Министерството за финансии, каде што бил одговорен за изготвување макроекономски статистики, економска анализа, макроекономско планирање, предлози за економската политика и бил вклучен во преговорите со ММФ. Од 2002 година до јануари 2007 година, тој работел како главен економист во Стопанска банка АД Скопје, членка на групацијата НБГ, каде што бил одговорен за изготвување економска и пазарна анализа, деловно планирање, управувачко сметководство и управување со ризиците. Од 2007 до 2011 година, тој ја извршувал функцијата на вицегувернер на Народната банка на Република Македонија и бил одговорен за финансиските пазари, управувањето со девизните резерви и платните системи. Тој е член на Управниот одбор на Виенската иницијатива 2.

Преземено од МИА
 

Содржината е прочитана 74 пати.