Инфо

ГСОЛ: „Фени Индустри“ втор месец го зголемува извозот

Новото раководство на кавадаречкиот комбинат смета дека извештаите во медиумите во врска со транспарентноста на стечајниот процес се злонамерни во однос на „Фени“ и неговата иднина

петок, 27 април 2018

„’Фени Индустри’ го бележи вториот последователен успешен месец на производство проследено со извоз на фероникел и засилено продолжува напред по рестартирањето на фабриката. ‘ЕуроНикел’ ја спроведува тековната соработка со ‘Фени’ и ги финансира платите и сите останати месечни производствени активности на фабриката, што доведува до враќање на производот на ‘Фени’на меѓународните пазари на метали“, се вели во реакцијата на новото раководство на кавадаречкиот металуршки комбинат по последните обвинувања за незаконско водење на стечајната постапка на „Фени“.

Оттаму сметаат дека неодамнешните извештаи во медиумите во врска со транспарентноста на стечајниот процес се злонамерни во однос на „Фени“ и неговата иднина.

„ГСОЛ и ‘ЕуроНикел’ ги преземаат сите неопходни активности за да го изразат своето искрено изненадување и бараат целосна правна заштита“, велат од менаџментот.

Директорите Герасим Кујунџиев и Андреас Цагарис се луѓето кои се на чело на тимот на „ЕуроНикел“ во Македонија. Тие појаснуваат дека спасувањето на „Фени“ по, како што велат, неколкумесечното лошо раководење и нестабилност веќе резултира со поттикнување на локалната економија, дека вработените се задржани на нивните работни места и оти секојдневно се создаваат нови работни места.

„Во текот на последните месеци, ГСОЛ и ‘ЕуроНикел’ откупија и продолжуваат да откупуваат побарувања на стотици доверители на ‘Фени Индустри’ – во стечај, со што се обезбедуваат средствата што им се неопходни на стотици добавувачи на комбинатот, вклучувајќи ги и исплатите на долгови кон вработените и транспортерите, направени од страна на претходните сопственици. ГСОЛ и ‘ЕуроНикел’ сега се најголеми кредитори на компанијата, како и единствен инвеститор во секојдневните активности и во понатамошното успешно работење на комбинатот“, велат од компанијата.

Ваквата реакција доаѓа откако претседателката на „Транспаренси интернешенал-Македонија“, Слаѓана Тасева поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба против стечаниот управник на „Фени“ и против стечајната судијка, поради тоа што, како што рече, нетранспарентно и незаконски го воделе стечајот на комбинатот. Притоа таа најави дека канцелариите на „Транспаренси“ од Скопје, Брисел и Берлин заеднички ќе работат и на утврдување на влијанието на вицепремиерот за еконосмки прашања, Кочо Анѓушев врз стечајната постапка.

Ваквите обвинувања ги демантираа прозваните, додека Анѓушев јавно ја повика Тасева храбро да навлезе подлабоко во истрагата и да ги истражи и открие причините кои довеле до стечајот. Но, веднаш потоа, Слаѓана Тасева на „Фејсбук“ напиша дека вицепремиерот Анѓушев ѝ се заканил со тужба поради јавно изнесените обвинувања за оркестрирање на стечајот на „Фени“.
 

Содржината е прочитана 111 пати.