Бизнис вести

Македонските и иранските бизнисмени ќе создаваат заеднички брендови за пласман на трети пазари

Иранските компании преку Македонија ќе продрат на европскиот пазар, додека македонските, пак, преку Иран имаат за цел да го прошират својот извоз на пазарите на Блискиот и на Средниот исток

четврток, 26 април 2018

Македонските и иранските бизнисмени ќе ја продлабочуваат соработката и ќе формираат заеднички производни компании и брендови со кои ќе излегуваат на светскиот пазар. Иранските компании преку Македонија ќе продрат на европскиот пазар, додека македонските, пак, преку Иран имаат за цел да го прошират својот извоз на пазарите на Блискиот и на Средниот исток.

Бизнисмени од Иран во која имаше претставници од повеќе сектори, како од енергетскиот, земјодлеството, индустријата рударството, градежништвото и од авиоиндустријата се дел од делегацијата на оваа држава предводена од првиот човек на иранската стопанска комора.

„Македонија има соодветна даночна политика, како и трговското право, а од друга страна Иран зазема видно место во светската економија. Граничи со 15 земји кои даваат можност за голем пазар и е виден член на ОПЕК. Поради тоа гледам развој на економската соработка во сите области“, рече претседателот на Иранската комора за трговија, индустрии, рударство и земјоделство, Хосеин Шафеи.

Првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азаски истакна дека со оваа соработка гледа продор на македонските производи освен на европскиот пазар каде што се реализира 70 отсто од извозот, и на пазарите на Блискиот и на Средниот Исток.

„Сега е вистински момент кога македонските компании треба да го прошират извозот и на овој пазар, кој во еден период беше тотално заборавен. Имаме лесна задача, бидејќи е заедничка потребата за подобрување на економската соработка. Но, потребно е да се обезбеди и правна основа на трговијата и да се донесат царински и административни олеснувањата што ќе ја поттикнат. Иран има дипломатско претставништво во земјава, па потребно е и Македонија да има во Иран, кое би ја олеснило соработката“, рече Азаски.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев ги повика бизнисмените од Иран да инвестираат во земјава посочувајќи дека Владата подготви Закон со кој ќе обезбеди поддршка за странските и домашните инвеститори и за домашните извозници.
 

Содржината е прочитана 63 пати.