Инфо

Охрид, Котор, Дубровник и Мостар потпишаа Меморандум за пријателство

Четирите града кои се под заштита на УНЕСКО заедно ќе делуваат во областа на заштитата и промоцијата на своето природно и културно наследство, со размена на искуства во унапредувањето на јавната свест за значењето на статусот на листата на УНЕСКО

четврток, 26 април 2018

Охрид, Дубровник, Котор и Мостар ќе го зацврстуваат и прошируваат пријателството преку здружено учество и меѓусебна соработка на сите полиња од заеднички интерес. Градоначалниците на Охрид, Јован Стојаноски, на Дубровник, Мато Франковиќ, на Котор, Владимир Јокиќ и главната советничка на градоначалникот на Мостар, Рада Комадина вчера во Котор потпишаа Меморандум за пријателство со кој четирите града што се под заштита на УНЕСКО ја потврдуваат намерата заедно и истрајно да делуваат во областа на заштитата и промоцијата на своето природно и културно наследство, со размена на искуства во унапредувањето на јавната свест за значењето на статусот на листата на УНЕСКО.

„Со потпишувањето и како држава и како град се надеваме дека ќе ги унапредиме меѓусебните односи, пред се, во областа на заштитата на културното и природното богатство. Имавме конструктивни разговори со претставниците на градовите кои се под заштита на УНЕСКО, во кои централно место имаа прашањата околу заштитата на културното наследство и развојот на туризмот и бизнис соработката“, изјави градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.

По потпишувањето на Меморандумот бил одржан заеднички состанок на Бордот на директори на Организацијата на градови со светско културно наследство (OWHC).
 

Содржината е прочитана 83 пати.