Инфо

Пуштен во работа филтерот на печката за медицински отпад во „Дрисла“

Филтерот работел пробно неколку недели и во тој тест период било утврдено дека сулфурните и азотните оксиди се намалени до 15 пати, додека ПМ честичките од 150-160 микрограми паднале на 25 микрограми на кубен метар

среда, 25 април 2018

По цели 18 години, печката за согорување медицински отпад на депонијата „Дрисла“ (инсенератор) од денеска работи со филтер кој ги апсорбира штетните честички што се испуштаат во воздухот при согорувањето.

Филтерот работел пробно неколку недели и во тој тест период било утврдено дека просечното количеството на издувните гасови јаглерод моноксид, азотните оксиди, сулфурните оксиди и ПМ10 честичките не ги надминуваат граничните вредности. Поточно, сулфурните и азотните оксиди биле намалени до 15 пати, додека ПМ честичките од 150-160 микрограми паднале на 25 микрограми на кубен метар.

„Од идната сезона ‘Дрисла’ нема да биде фактор за загадувањето на воздухот, особено во населбите околу мерната станица во Лисиче. Од денеска во функција е новиот филтер во депонијата поставен на инсенераторот за согорување медицински отпад. Филтерот ги апсорбира ПМ10 честичките, јаглерод моноксидот и другите честички што се ослободуваат при согорувањето. Поставувањето е во согласност со препораките на Државниот инспекторат за животна средина“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и нагласи дека филтерот ќе се користи се до поставување нова печка.

Филтерот е поставен откако во јануари Министерството за животна средина ја казни „Дрисла“ бидејќи печката не ги исполнуваше стандардите за работа, поради што беше надвор од употреба неколку месеци.

„Дополнително, покрај инсталирањето на филтерот, со цел креирање целосно еколошко решение, горивото на кое работи печката, нафтата, е заменето со гас. Работиме на долгорочни решенија за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје во зимскиот период. Свесни сме дека со ова не го решаваме во целост проблемот со загадувањето, но исто така треба да бидеме свесни дека со повеќе вакви чекори се стигнува до трајно решение“, рече Шилегов.
 

Содржината е прочитана 60 пати.