Бизнис вести

Грчки ППЦ потпиша договор за купување на македонски ЕДС

Македонската компанија за продажба на струја е продадена на Грчкото електростопанство за 4,8 милиони евра

среда, 25 април 2018

Грчкото електростопанство ППЦ и официјално е сопственик на македонската компанија за продажба на струја, ЕДС. Сопственикот на ЕДС, Кочо Анѓушев и главниот извршен директор на ППЦ, Манолис Панајотакис денеска потпишаа договор за продажба на 100 отсто од акциите на македонската компанија. Договорот е со вредност од 4,8 милиони евра. Трансферот на компанијата ќе биде финализиран по завршување на сите формалности и процедури.

На потпишувањето на договорот му претходеле извештаи на двe ревизорски куќи кои ја процениле компанијата на над 5 милиони евра.

„За мене е ова и тажен и среќен ден. Среќен зашто компанијата оди во добри раце, а тажен бидејќи ја продавам, а таа е мое дете", рече Анѓушев пред потпишувањето на договорот.

Првиот човек на ППЦ, пак, му порача на Анѓушев да не се грижи, бидјеќи, како што рече, фирмата ја остава во вистински раце.

„Знаеме дека преземаме успешно претпријатие и дека ППЦ влегува на пазарот за електрична енергија на нашата соседна земја на најдобар можен начин. Со поддршката од ППЦ и нејзината експертиза, ЕДС ќе напредува и зајакнува и понатаму, што ќе биде во најдобар интерес и на клиентите. ЕДС во сопственост на ППЦ ќе стане уште помоќна компанија, со оглед на портфолиото што го имаме и развојните планови дефинирани за време на купувањето“, рече Панајотакис.

Анѓушев појасни дека покрај законските процедури, во текот на преговорите за продажба приротитет биле и условите за унапредување на стабилноста и плановите за понатамошен развој на компанијата, во насока на зголемување на нејзината конкурентност на пазарот.

„ЕДС досега постигна многу на локалниот и на регионалниот пазар, како членка на меѓународната берза за набавка на струја ја има најдобрата балансна група, одлично развиена мрежа за снабдување со електрична енергија и големо искуство во набавката на струја на слободниот пазар. Со овој договор, зад себе имаме гигант во производството на струја што ќе не направи поконкурентни на пазарот. Тоа значи дека клиентите ќе имаат добри услови и пред се, уште поголема сигурност“, рече Анѓушев.

ППЦ е една од најголемите компании во Југоисточна Европа од областа на енергетиката, со вкупна актива од повеќе од 15 милијарди евра и годишни приходи од над 5 милијарди евра. Основната дејност на ППЦ е производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Грција за 7,3 милиони потрошувачи и има пазарен удел од околу 85 проценти. ППЦ е, исто така, сопственик на дистрибутивната мрежа на Грција којашто стопроцентно ја води филијала „ХЕДНО", како и ППЦ Обновливи извори - една од пионерските компании во Европа за производство на електрична енергија од обновливи извори. ППЦ има подружници во Бугарија, Турција и во Албанија, а неодамна потпиша стратешки договор со американската компанија „Џенерал Електрик“ за соработка во поддршката на термоенергетските единици во Европа и во Северна Африка.
 

Содржината е прочитана 59 пати.