Бизнис вести

Бизнисмените бараат поефикасна и побрза администрација

Првите луѓе на УЈП и на Царината ги слушнаа барањата на бизнис заедницата. Анкетата на Стопанската комора на Македонија покажала дека 90 отсто од компаниите побарале намалување на даночните казни, 45 проценти дека е потребна зголемена обученост на даночната администрација, а 70 отсто сметаат дека Царината е ефикасна, но барааат професионален однос на цариниците на граничните премини Табановце и Блаце

среда, 25 април 2018

Поефикасна и побрза администрација, избегнување на честото менување на даночната регулатива и двојно намалување на казните, се само дел од барањата што бизнис заедницата денеска ги упати до првите луѓе на Управата за јавни приходи и Царинската управа, како институции чие функционирање најмногу влијае врз работењето на компаниите.

Анкетата на Стопанската комора на Македонија направена меѓу компаниите покажува дека 90 отсто од анкетираните побарале намалување на даночните казни, 45 проценти дека е потребна зголемена обученост на даночната администрација, 70 проценти сметаат дека Царината е ефикасна, но барааат професионален однос на цариниците на граничните премини Табановце и Блаце.

Претседателот на Стопанската комора на Макеоднија, Бранко Азески истакна дека најзначајни партнери на компаниите се Царината и УЈП и дека треба меѓу компаниите и овие две институции да се гради партнерски однос.
„Брзината е значајна работа кај бизнисот, а кај администрацијата тоа е спороста во работењето. Она на што треба да работиме во иднина е тие во својата работа да се приближат“, рече Азески.

Директорката на УЈП, Сања Лукареска рече дека УЈП е отворена институција за даночните обврзници. Таа посочи на сите новини и активности на кои работат и информира дека се работи на текстот за персоналниот данок на доход, што ќе почне да се применува од 2019 година за воведување на прогресивното оданочување, како и на активности за поврат на ДДВ кај граѓаните.

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски најави дека голем број од дозволите кои досега им биле потребни на компаниите нема да им требаат и дека со цел олеснување на движењето на стоките на граничните премини ќе почне заедничкото царинење со Србија, а дека се работи и за заедничко царинење со Албанија и со Косово.

Според него, големо олеснување ќе биде и воведувањето на овластен економски оператор на компаниите. Најави дека се подгтовува и нов закон за акцизи, кој ќе предвидува нов начин на пресметка на акцизите при увозот на енергенсите.

На денешниот појадок Стопанската комора ги додели и наградите за компании за реализирани инвестици во 2017 година.

Преземено од МИА
 

Содржината е прочитана 312 пати.