Бизнис вести

Годишната програма за вработување овозможува отворање на 980 мали бизниси

Во Програмата, која е дел од Оперативниот план за вработување и е проектирана на 8,3 милиони долари, фокусот е ставен на младите и на ранливите категории лица

среда, 25 април 2018

„Борбата со невработеноста, обезбедувањето квалитетни и одржливи работни места, како и помош за невработените да ги надминат бариерите на пазарот на труд, останува наш заеднички предизвик“, рече премиерот Зоран Заев кој присуствуваше на денешното потпишување договор за Годишната програма за вработување 2018 меѓу Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и УНДП.

Во Програмата, која е дел од Оперативниот план за вработување и е проектирана на 8,3 милиони долари, фокусот е ставен на младите и на ранливите категории лица.

Со Годишната програма е предвидено отворање 980 мали бизниси, од кои 50 на лица со попреченост, како и ангажирање лица во 45 до 50 општини кои ќе им помагаат на деца од предучилишна возраст, на лица со попреченост и на постари лица.

„Недостатокот на пристојни работни места е клучен предизвик за натамошен развој на Македонија. Загрижува фактот што скоро 50 отсто од младите постојано си заминуваат од државата, но голем дел ги напуштаат селата, руралните средини… Истовремено, растечките приватни бизниси имаат недостиг од обучен кадар“, рече Лујза Винтон, постојаната амбасадорка на ОН во Македонија.

Сепак, како што нагласи Витон, Владата е одлучна да се справи со невработеноста, па за 2018 година се поставени многу поамбициозни цели.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека активните мерки за вработување се прилагодени на потребите на работодавачите, но и на профилот на младите и на ранливите групи. Исто така, мерките ќе може да ги користат и социјалните претпријатија и граѓанските организации без притоа да има какви било ослободувања од здравствено и социјално осигурување.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска рече дека сите невработени лица имаат еднаков пристап до мерките и до Програмата за вработување, иако предност им се дава на младите кои треба да бидат застапени со најмалку 30 отсто.
 

Содржината е прочитана 95 пати.