Инфо

Просечната нето плата за 2018 година ќе биде околу 24.000 денари

Економистите од Институтот за економски и политички истражувања „Finance Think“ не се изненадени од падот на просечната плата во февруари и велат дека јануарскиот пораст не е резултат на порастот на минималната плата, туку исклучително сезонски ефект

вторник, 24 април 2018

Просечната нето плата за 2018 година ќе се движи околу 24.000 денари, оценува Институтот за економски и политички истражувања „Finance Think“ од каде не се изненадени од забележаниот пад на просечната плата во февруари. Но, економистите од „Finance think“ велат дека јануарскиот пораст не е резултат на порастот на минималната плата, туку претставува сезонски ефект.

„Во февруари 2018, просечната нето плата во Република Македонија забележа значителен пад на месечно ниво од 3,6 проценти, притоа одржувајќи го започнатиот тренд на годишен раст од претходно, од 3,6 отсто. Во јануари 2018 годишниот раст изнесуваше 5,6 отсто, поради што нето платата за првпат се искачи над 24.000 денари“ се вели во анализата на „Finance Think“.

Оттаму појаснуваат дека растот во јануари, всушност, е сезонски ефект којшто се јавува вообичаено поради исплаќањето годишни додатоци на плата, додека значителниот пад на платата во февруари годинава, исто така во голема мера е сезонски ефект (главно, поради пократок месец) и не се должи на потенцијално лоши економски фундаменти.

Во анализата се наведува дека годишниот раст на платата во периодот јануари-септември 2017 година изнесувал просечно 2,5 отсто, а во периодот октомври 2017-февруари 2018 година бил 3,7 проценти.

„Разликата во овие две просечни стапки на пораст може да се припише на порастот на минималната плата, но, особено е важно засегнатите страни да не очекуваат дека порастот на минималната плата може драстично да се одрази врз пораст на просечната плата“, велат од „Finance Think“.
 

Содржината е прочитана 81 пати.