Инфо

Македонија очекува дозвола за извоз на пастрмка во ЕУ

Oткако Македонија ќе ја добие дозволата за извоз на пастрмка во ЕУ, производителите или одгледувачите ќе може да аплицираат за извоз и да планираат долгорочни инвестиции во тој правец

вторник, 24 април 2018

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов очекува за еден до два месеци Македонија да биде ставена на листата на ЕУ за извоз на пастрмка на европскиот пазар.

Како што вели Атанасов за МИА, прашалникот е пополнет пред две недели, а барањето не било воопшто едноставно. Му претходеле тригодишни подготовки, воспоставување контрола и мониторинг на одредени болести кај рибите.

„Очекуваме за месец до два да бидеме ставени на листата, а потоа, преку зајакнување на биосигурносните мерки на рибниците, некои од нив и од одгледувалиштата да бидат одобрени за извоз“, нагласува Атанасов.

Според него, откако Македонија ќе ја добие дозволата за извоз на пастрмка во ЕУ, производителите или одгледувачите ќе може да аплицираат за извоз и да планираат долгорочни инвестиции во тој правец.

Земјава во последниов период е ставена на листата за извоз во ЕУ на говедско, пилешко, овчо и козјо месо, јајца, млеко и рибини производи.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 58 пати.