Инфо

Пуштен во употреба автопатот Демир Капија - Смоквица

Новата делница од Коридорот 10 е со должина од 28,2 километри и ќе го скрати времето на патување за 25 минути. Се очекува преку неа годишно да минуваат по 730.000 возила

понеделник, 23 април 2018

По шест години изградба, денеска беше пуштена во употреба делницата Демир Капија – Смоквица, со што се заокружи автопатското решение на Коридорот 10 низ Македонија.

Новиот автопат од Демир Капија до Смоквица, кој е со должина од 28,2 километри ќе го скрати за 25 минути времето на патување. Преку оваа делница се очекува да поминат 730.000 возила годишно, а побрзото и побезбедно патување треба да придонесе за развој на економијата и за интеграција на регионот со европскиот пазар.

„Поврзувањето е основен чекор за изедначување на нашите регионални стандарди со оние на ЕУ кон која не водат сите патишта. Овој автопат е еден од нив, поврзува и води кон ЕУ. Оваа делница од автопатот ‘Пријателство’ во себе ја има вградено искрената приказна за поддршка и соработка. Нашата темелна вредност и определба да ги издигнеме капацитетите на нашата земја на ниво достојно за да биде членка на ЕУ, е силна мотивација за усогласување на нашата, национална патна инфраструктурна стратегија, со онаа на Европската унија. Граѓаните на Грција и граѓаните на светот да можат да циркулираат низ Македонија по модерни и безбедни патишта“, рече премиерот Зоран Заев.

По новата делница граѓаните ќе може да возат од утре, а денешната церемонија го означи почетокот на кампањата „ЕУ за тебе“ за инвестиции на ЕУ во транспортната инфраструктура.

„Со отворањето на овие 28,2 километри од автопатот го додадовме делот од Паневропскиот Коридор 10 кој недостасуваше во земјата. Овој автопат, кој е овозможен преку ИПА проектот преку кој се одвоени околу 200 милиони евра, ќе го олесни движењето, ќе го поттикне економскиот развој и ќе обезбеди одржливо и побезбедно патување. Со кампањата ‘ЕУ за тебе’ сакаме да покажеме дека ЕУ е тука да ѝ помогне на Македонија и во изградба на патишта“, рече генералниот директор за соседски политики и преговори за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески истакна дека Македонија доби нова модерна и безбедна автопатска делница, проектирана и изградена согласно европските норми и стандарди за заштита на животната средина со сите потребни карактеристики за безбедност.

„Демир Капија – Смоквица технички беше најтешката делница за изградба од патниот Коридор 10 во Македонија, која поминува низ Демиркаписката клисура и тешко достапниот планински терен по неа. Од тие причини, ова автопатско решение претставува најсовремен тип на градба изградена по сите светски и европски стандарди“, рече Сугарески.

По должина на трасата на автопатот се изведени над 8 милиони кубни метри високи насипи и длабоки ископи во теренот, 6 моста, близу 100 канали, 2 клучки и 2 двојни тунела со должина од над 1,2 километри. Во тунелите се инсталирани и систем за вентилација, за детекција и гаснење на пожар, за резервно напојување со електрична енергија, како и систем за мониторинг и управување со сообраќајот. Во двата тунела се инсталирани 64 камери. Во Контролниот центар кај Неготино се ангажирани 17 лица, по четворица советници за контрола на сообраќајот и контролори, како и осум техничари. Следењето на сообраќајот преку Контролниот центар во иднина ќе се прошири на целиот потег од Велес одГевгелија.

Во рамки на новата делница ќе функционираат и две патарини – една кај Гевгелија и една кај Демир Капија.
Новиот автопат чини 270 милиони евраСо кредит од Европската банка за обнова и развој и од Европската инвестициска банка и 6 милиони евра од домашниот буџет, го градеше грчката компанија „Актор“.
 

Содржината е прочитана 51 пати.