Интервјуа

Таскова-Попова: Развојот на човечкиот потенцијал е најважен за успехот на компаниите

Интервју со M-р Лидија Таскова-Попова , генерален менаџер во ЕСП - Развој и управување на човечки ресурси, една од 10 најуспешни жени менаџери за 2017 година според изборот на агенција „Марили“

понеделник, 23 април 2018


МАРИЛИ: Г-а Таскова-Попова, кажете ни со што се занимава ЕСП и наведете ги сите сфери на дејствување, како и лиценците што ги поседувате за Вашиот тип работење.
ТАСКОВА-ПОПОВА:
ЕСП - Развој и управување на човечки ресурси ДОО е компанија што веќе 19 години успешно опстанува на пазарот и таа е специјализирана за: превод и толкување; обука по странски јазици; компјутерска едукација; и обуки и советување за развој на деловни вештини. Секој од овие четири оддели на ЕСП успешно функционира и се развива во насока на целосно исполнување на потребите на клиентите, како на домашниот, така и на странскиот пазар. Во тој контекст, на прво место е квалитетот на услугите, а оттука произлегува и нашата заложба - услуга што целосно одговара на вистинските потреби на клиентите. Од мај 2006 година ЕСП е целосно акредитирана од MAQ (MAKS) - Македонска асоцијација за квалитет во наставата по странски јазици (Асоцијативна членка на EAQALS - Европска асоцијација за квалитет во наставата по странски јазици). Во ноември 2014 година ЕСП доби акредитација и од ЕЦДЛ (ECDL) како овластен ТЕСТ-центар и центар за обука по компјутерски програми ЕЦДЛ. 

МАРИЛИ: Како една од првите компании во приватниот сектор што се занимава со преводи и со обуки од различни видови и успешно опстанува повеќе години, кажете ни какви беа почетоците, низ кои фази минувавте и колкав е пазарот што досега сте го покривале?
ТАСКОВА-ПОПОВА:
Поради потребите на пазарот во периодот на нашите почетоци, одделот за превод и толкување на ЕСП историски беше прв што се разви со целосен капацитет. Исто така, и кај усните преводи и во земјата и во целиот регион гарантираме стручност, течност и прецизност на конференции, семинари, обуки и други настани. Заради комплетно опслужување на клиентите, ЕСП обезбедува и опрема за симултан превод. Како илустрација, во текот на годината во просек преведуваме над 12.000 страници на 34 јазици и имаме над 200 дена устен превод. Истовремено со дејноста превод и толкување, во тогашниот период на компјутеризација и напредок на технологијата, како и зголеменото присуство на странски фирми, консултанти и невладини организации, формиравме и оддели за компјутерски и јазични обуки. Уште од почетокот наш целен пазар се возрасните посетители, од 16 години, па натаму. Четвртата дејност,односно обуките за развој на деловни вештини, почнавме да ја развиваме кон крајот на 2002 година. Овој оддел произлезе токму од тоа што сме фокусирани на возрасните слушатели што пројавија интерес за совладување разни вештини што им се потребни во нивното секојдневно работење. Само во последниве неколку години на територијата на Македонија имаме обучено околу 2.500 слушатели. 



МАРИЛИ: Колку во текот на годините се трудевте да ги следите современите трендови и квалитетот на преводите, како и методите на обуките со цел да го почитуваат Вашето мото „Развивај го човековиот потенцијал“?
ТАСКОВА-ПОПОВА:
Наше мото е „Развивај го човековиот потенцијал“. И тоа не се однесува само на нашите клиенти што го развиваат својот потенцијал посетувајќи ги нашите обуки, туку огромен фокус ставаме и на развивањето на внатрешниот потенцијал на ЕСП, односно на потенцијалот на нашиот тим. Во моментов седуммина сме редовно вработени, односно во постојан работен однос. За да одговори на сите барања и на условите на пазарот што постојано се менуваат, ЕСП му овозможува на тимот стручно да се усовршува и да се надградува на релевантни семинари и обуки за да се стекне со потребните лиценци и сертификати. За да обезбедиме комплетно опслужување на сите клиенти на сите полиња, веќе приближно 20 години соработуваме со искусни и докажани надворешни соработници, а денес нивниот број е повеќе од 300.

 МАРИЛИ: Кажете ни нешто повеќе за Вас и за Вашите квалификации со кои успеавте да го развиете овој сложен систем во ЕСП.
ТАСКОВА-ПОПОВА:
Моите сегашни деловни вештини, па и внатрешната сила, ако сакате, произлегуваат и од образованието и од целото мое досегашно работно искуство. Тука, секако, голем удел има и склопот на моите карактерни особини. Високото образование го започнав со студиите по технологија на информатички системи на Универзитетот „Лондон Гилдхол“ во Лондон. Многумина мислат дека тоа се сведува на програмирање и креирање софтвери и софтверски или хардверски решенија, но, всушност, тоа се студии во на кои се изучуваат сите деловни процеси, протокот на информации, внатрешната и надворешната комуникација и другите аспекти на планирањето, организацијата и спроведувањето на стратегиските и на оперативните бизнис-модели на едно претпријатие. Софтверот и информатичките системи доаѓаат дури на крајот. Тие се само одраз на комплетното разбирање на деловното работење. Така што мене лично тоа ми беше солидна основа кога се вратив во Македонија и го почнавме нашиот бизнис. Тука, во ЕСП, во практика го применив целото теориско и практично знаење за работењето на една фирма. Подоцна продолжив со магистерските студии по менаџмент на Универзитетот „Шефилд“ во Солун. Освен што истражив и се стекнав со позначајно знаење и практична примена за сите области на деловното работење, тој дел од моето формално образование заврши со магистерска теза фокусирана на задоволувањето на потребите на клиентот. Веројатно затоа и ми беше и релативно лесно да го вградам тоа како принцип во работењето на ЕСП. Како што се развива и се усовршува тимот на ЕСП, така и јас постојано сум во потрага по нови знаења и вештини. 


Мојот внатрешен порив за учење ме одведе и во друга насока. Во насока што, всушност, е преплетена и поврзана со деловното работење, но од малку поинаков аспект - од психолошки. Тоа, пак, ги зајакна моите комуникациски и преговарачки вештини, а со самото тоа се здобив и со подобро и поцелосно разбирање на потребите на клиентите, што повторно е нешто што му е неопходно на ЕСП. Поминав низ процесот на обука за невролингвистичко програмирање и се здобив со титула „НЛП мастер-практичар“. Како продолжение на таа едукација, исто така, посетував обука и за „Системска динамика“, како семејна, така и деловна, што ги проучува меѓучовечките односи и во приватните и во деловните сфери. По примената на сите тие вештини, а и откако завршив обука за „коуч“, едноставно не можев да не продолжам и да стигнам до ниво на професионален „лајф коуч“ или, како што официјално гласи, до титулата „НЛП капитал коуч“. Во процесот на постојан личен и професионален развој се здобив со лиценци за професионален обучувач на возрасни и обучувач на обучувачи на национално ниво, акредитиран од Бирото за развој на образованието на Република Македонија.

 

 

МАРИЛИ: Колку денес сте задоволна од постигнатото со Вашиот тим и кои се Вашите идни планови за развој?
ТАСКОВА-ПОПОВА:
Во текот на нашето постоење како фирма одредени измени претрпе и сопственичката структура. Во моментов многу сум горда што јас сè уште сум една од сопственичките, заедно со уште други две, од кои едната, исто така, е сопственик на удел уште од самиот почеток. Од неодамна, од 2016 година, како сопственик ни се придружи и мојата ќерка, која во моментов е на студии. 
Најголем дел од тимот на ЕСП остана ист, тоа е оној со кој почнавме. Таквата лојалност стои зад нивната посветеност, професионализам, одговорност, чувство на припадност и колегијалност, кои овозможија да стигнеме таму каде што сме денес. Јас лично, како и ЕСП, многу сум им благодарна на сите досегашни и сегашни вработени и соработници за тоа што професионално се вложија и се вложуваат во тоа ЕСП да стигне таму каде што е сега, т.е. во развивањето на нашиот бренд и во позиционирањето на пазарот.
Иако од сè што кажав досега е повеќе од очигледно, сепак, сметам дека треба да се нагласи дека без постојано следење на сите трендови и потреби на клиентите една фирма не само што нема сигурна иднина туку и за кратко време ќе нема сила да се „фати во костец“ со сите предизвици што ги носи ова време на константни промени. Оттука, во согласност токму со барањата на пазарот и за задоволување на потребите на клиентите, како следен чекор од стратегијата на ЕСП - Развој и управување на човечки ресурси е започнувањето на проектот за електронска изведба на обуки (т.н. „e-learning“), кој ќе стартува веќе од следната година, како и следење на сите трендови и на сè она што доаѓа како побарување од нашите клиенти и од целиот пазар.
 

Содржината е прочитана 202 пати.