Инфо

„Југохром“ нема да проработи во предвидениот рок

Од Министерството за животна средина велат дека комбинатот се уште не ги исполнил преземените обврски, поради што и не може да се даде конкретен рок за рестартирање, додека од менаџментот тврдат дека производството ќе продолжи во септември

понеделник, 23 април 2018

Комбинатот „Југохром“ од Јегуновце нема да почне да работи во предвидениот рок до почетокот на јуни, бидејќи се уште ги нема исполнето презмените обврски – се доцни со изградба на пречистителните станици и со поставување на филтрите на печките 7 и 8.

Заменикот министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули потврди дека комбинатот нема да продолжи со работа се додека не ги исполни законските обврски, поради што и не може да се дадат конкретни точни рокови, додека од менаџментот тврдат дека производството ќе стартува од септември.

„’Југохром’ не може да работи се додека не бидат исполнети условите и не се вложи во заштита на животната средина .Инвеститорот си зема обврски, но, за жал, доцни. Ние сме решени, се дури не ги исполнат обврските од дозволата , да не работат. Имаме контакти со менаџментот, чекаме на информација што е направено досега, за да можат нашите инспектори да оценат што е вложено. Нови рокови нема, ние сме подготвени да провериме дали тоа што е вложено ќе е од интерес за животната средина“, вели Макрадули.

Од менаџментот на комбинатот велат дека деновиве ФАКОМ треба да почне со монтажа на челичната конструкција, која ќе биде завршена до јуни, по што ќе следува инкорпорирање на вентилатори, фибер вреќи и други делови. Се очекува печките 7 и 8 да почнат одново да работат од септемрви годинава.

На скоро пуштање во производство се надеваат и околу 800 вработени кои останаа без работа откако во ноември 2016 година „Југохром“ ги згасна печките и го запре производството поради тоа што не беше испочитуван рокот за изградба на систем за отпрашување. Комбинатот требаше да биде рестаритан на почетокот на јуни, бидејќи Владата, вработените и менаџментот на компанијата потпишаа меморандум за разбирање со кој се гарантираше брзо сервисирање на административните процедури и инвестирање во филтрите.
 

Содржината е прочитана 56 пати.