Инфо

ССК со кампања за креативноста и иновативноста

Учесниците на тркалезната маса имаа можност да се информираат за најновите трендови како да ги подобрат капацитетите за иновативност и креативност во компаниите за зголемување на нивната конкурентност на домашниот и странскиот пазар

петок, 20 април 2018

Сојузот на стопански комори на Македонија денеска со тркалезна маса посветена на иновациите и креативноста се приклучи кон кампањата на Обединетите нации со која за прв пат годинава се одбележува Светскиот ден и Светската недела на креативноста и иновативноста.

Учесниците имаа можност да се информираат за најновите трендови како да ги подобрат капацитетите за иновативност и креативност во компаниите за зголемување на нивната конкурентност на домашниот и странскиот пазар.

„Иновацијата, креативноста и претприемништво можат да обезбедат нов импулс за економски раст и создавање нови работни места. Тоа значи проширување на можностите, со поголемо вклучување на жените и младите, како и обезбедување решенија за некои од најосновните предизвици како што се искоренување на сиромаштијата и елиминација на гладта“, изјави извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Александар Зарков.

Тркалезната маса беше организирана во соработка со Меѓународниот институт за применета психологија „Bureau Land“ од Холандија, а на неа главен говорник беше Јоке Ланд, психолог и интернационално сертифициран мастер тренер, системски специјалист од Меѓународниот институт за применета психологија.

На 27 април минатата година, Обединетите нации одлучија 21 април да биде Светски ден на креативноста и иновациите, како ден кој ќе ги охрабри луѓето ширум светот да ја користат креативноста во решавањето на проблемите за сите прашања поврзани со постигнувањето на целите за одржлив развој.

Преземено од МИА

 

Содржината е прочитана 59 пати.