Инфо

СУБВЕНЦИИ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ, НОВ ЕКОАВТОБУС И ВЕЛОПАТЕКИ ЗА ОДРЖЛИВА МОБИЛНОСТ ВО СКОПЈЕ

петок, 20 април 2018

Градот Скопје интензивно работи на креирање јавен транспорт којшто е економски ефикасен и не го загадува воздухот. Градоначалникот Шилегов денеска најави три значајни проекти коишто ќе бидат од корист за граѓаните и ќе придонесат за одржлива урбана мобилност во Скопје.

- Утре, Градот Скопје го распишува јавниот повик за доделување субвенции за велосипеди. Воведовме измени во Правилникот, со цел да овозможиме поголем број граѓани да добијат субвенции, а за првпат им овозможуваме и на лицата со телесен инвалидитет да добијат можност да аплицираат на јавниот повик. На овој начин, со мало намалување на максималната висината на субвенцијата обезбедуваме субвенции за велосипеди за околу 1000 граѓани повеќе во однос на минатата година. Со тоа, почнувајќи од утре, секој граѓанин на Скопје кој ќе купи велосипед согласно со условите во јавниот повик ќе има можност да добие субвенција по принципот прв дојден- прв услужен – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Заложба на Град Скопје е да се креира јавен транспорт кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот. Со цел креирање одржлива урбана мобилност, Градот Скопје забрзано работи на изградба на нови и реконструкција на веќе појните велосипедски патеки. Во таа насока, значајно е да се нагласи дека во завршна фаза е изградбата на велосипедската патека по должината на булеварот 8.Септември.
- Сакам да споделам уште една убава вест со граѓаните. Скопје ќе добие нов екоавтобус. За таа цел ЈСП потпиша договор со полската компанија Solaris, за пробно користење на автобус на гас кој ќе сообраќа на линијата со број 2, на релацијата од Автокоманда до Сарај и обратно. Автобусот е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус, наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас – нагласи Шилегов.

Споредено со потрошувачката на старите дизел-автобуси, овој автобус троши двојно помалку, што дополнително ќе ги намали трошоците за гориво на ЈСП. Најголемата предност е тоа што емитува значително помалку СО2, што речиси воопшто не го загадува воздухот.

Претходно, Градот Скопје потпиша договори со Чериот Моторс за електричен автобус и со МАК АУТО СТАР за автобус на гас коишто ќе сообраќаат пробно низ улиците на Скопје.

- Ова се одлични можности коишто ќе не збогатат со нови искуства за градот, а што понатаму ќе можеме да ги користиме во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз. Годинава предвидовме буџет за субвенции за набавка на екоавтобуси во висина од 100 милиони денари за ЈСП, како и за приватните превозници во висина од 20 милиони денари. Наша заложба е Скопје од град ориентиран кон автомобили да премине во град со одржлива урбана мобилност, што ќе биде од големо значење во унапредувањето на еколошките стандарди за почист воздух и почиста животна средина – рече Шилегов.
 

Содржината е прочитана 99 пати.