Инфо

Од 15 мај во оптек првите полимерни банкноти од 10 и од 50 денари

Полимерните банкноти не може лесно да се скинат, ниту, пак, лесно да се оштетат при допир со вода, неколкукратно се поотпорни на влага од хартиените и не може лесно да се фалсификуваат

четврток, 19 април 2018

Народна банка на Република Македонија од 15 мај ќе ги пушти во оптек првите банкноти изработени од полимер. Банкнотите ќе бидат со апоенска вредност од 10 и 50 денари.

Од НБРМ објаснуваат дека полимерот е избран бидејќи не се оштетува лесно, како хартијата. Поради тоа ваквите банкноти имаат многу подолг век на траење од хартиените, траат 2,5 до 3 пати, а во некои случаи и до 4 пати подолго од банкнотите изработени од хартијата во чија основа се памучни влакна.

Полимерните банкноти не може лесно да се скинат, ниту, пак, лесно да се оштетат при допир со вода и се неколкукратно поотпорни на влага во споредба со хартиените. Од НБРМ очекуваат да се намали потребата од нови изданија со иста апоенска вредност, што значи заштеда и на ресурси и на средства.

Банкнотите од многу тенка флексибилна пластична фолија во нивниот дизајн содржат безбедносни карактеристики и заштитни знаци кои не може масовно и лесно да се фалсификуваат. Полимерот овозможува на банкнотите да има втиснати ознаки во вид на издигнати точки, кои се корисни за распознавање од страна на лицата со оштетен вид.

Полимерни банкноти прват почнале да се употребуваат во 1988 година во Австралија. Денес, вакви банкноти се употребуваат во над 20 држави, меѓу кои и во Канада, Велика Британија, Нов Зеланд, Малдиви, Брунеи, Романија...
 

Содржината е прочитана 248 пати.