Инфо

Дигиталните вештини се приоритет за земјите од Западен Балкан

Првиот дигитален самит што се одржува во Скопје, кој е дел од Берлинскиот процес, има за цел регионална координација и приближување на регионот до Европа. На него се разговара за намалување на цените на роамингот, за сајбер безбедноста и за дигиталното поврзување на земјите од Западен Балкан

среда, 18 април 2018

Намалување на цените на роамингот, сајбер безбедноста, зголемување на дигиталните вештини на граѓаните и меѓусебно дигитално поврзување на земјите од регионот се темите на кои ќе се разговара на Првиот дигитален самит на земјите од Западен Балкан што овие два дена се одржува во Скопје.

Самитот е првиот од серијата настани од овој тип што ќе бидат организирани на годишно ниво. Тој е дел од Берлинскиот процес и има за цел регионална координација и приближување на регионот до Европа. На Самитот присуствуваат премиери од Западен Балкан, претставници на владите на земјите од берлинскиот процес, еврокомесарите Јоханес Хан и Марија Габриел, други претставници на ЕК, на Советот за економска соработка, претставници на ИТ индустриите, бизнис секторот, на граѓанското општество, регионални оранизации и академската заедницата.

Самитот официјално го отвори премиерот Зоран Заев кој рече дека овој собир ќе придонесе за земјите од регионот уште посило да се поврзат со новата технологија и да ја искористат за уште подобра и поцврста соработка.

„Дигитализацијата е можност која не теба да се пропушти ако сакаме да обезбедиме иднина. Регионалната соработка има клучно значење во поврзувањето на граѓаните и државите на Западен Балкан. Таа регионална соработка доби суштина со Берлинскиот процес, а особено со усвојувањето на планот во Трст“, рече премиерот Заев и додаде дека новите технологии силно влијаат на животот на малите и големите претпријатија, а оние кои ќе ги искористат ќе бидат конкурентни на пазарот.

Еврокомесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел порача дека дигитализацијата е можност што не треба да се испушти ниту во Европа, ниту на Западен Балкан.

„Мобилизација на јавната администрација, зајакнување на компјутерската безбедност, компјутерската и медиумската писменост е она што го бара дигиталното општество и кон што треба да се насочат активностите. Заедно со мојот тим работиме силно да ја изработиме дигиталната агенда за Западен Балкан, која е дел од стратегијата на ЕУ за проширување за Западен Балкан 2025 и ќе биде презентирана на ЕУ самитот наредниот месец во Софија“, рече Габриел и ги најави и заложбите за намалување на роамингот во регионот.

„Роамингот не е само неопходност, туку и важен стимул кој е од корист и за бизнисите и за граѓаните. Ја поздравувам иницијативата за намалување на цените. Ова е сложена тема за која на ЕУ ѝ требаа речиси 10 години да ја оствари. Но, мораме да овозможиме пад на цените за роамингот на Самитот во Софија во мај“, истакна Габриел.

Премиерот Заев рече дека државата е подготвена да им помогне на телекомуникациските оператори да го намалат профитот при евентуално намалување на роамингот во регионот и со земјите од ЕУ.

„Ако граѓаните и бизнисте се подобро поврзани, ние тие пари ќе ги надокнадиме некако во нашиот буџет. Да го фатиме моментот, да не каскаме позади западните земји кои што итаат напред“, рече Заев.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски истакна дека за првпат дигиталната трансформација се наоѓа толку високо на политичките агенди. Тој порача дека без разлика на сите истористи и други предизвици и разлики, сите земји од Балканот треба да бидат заедно и да направат нешто доколку сакаат да стигнат далеку.

Една од иницијативите што треба да произлезе од Самитот е заедничкото барање до Европската комисија за меѓусебно признавање на дигиталните сертификати, што значи дигиталните потписи и печати.

Парлалелно со Самитот денеска ќе биде отворен и Експо дел во кој компаниите од дигититалната сфера ќе ја презентираат својата работа, а ќе се одржи и Камп за старт-ап компании, како и конференција посветена на лажните вести.
 

Содржината е прочитана 57 пати.