Бизнис вести

Грантови од регионалниот проект „БалканМед ИННОВА“ за иновативни проекти да прераснат во бизниси

Со ментори и со по 4.000 евра ќе бидат помогнати пет проекти од дејностите туризам и културно наследство, информатички технологии, агробизнис и животна средина и екологија

вторник, 17 април 2018

Преку обука и со грантови од по 4.000 евра преку регионалнот проект „БалканМед ИННОВА – Балканско-Медитерански Центар за претприемништво и иновации“ пет проекти од дејностите туризам и културно наследство, информатички технологии, агробизнис и животна средина и екологија ќе бидат помогнати да прераснат во бизниси.

Проектот „ БалканМед ИННОВА“ има за цел преку обука, размена на знаења и искуства, како и трансфер на технологии да овозможи поддршка на веќе постоечки мали и средни претпријатија, но и на сите потенцијално нови стартапи. Насочен кон претприемачите треба да им помогне тие да се здобијат со нови знаења и вештини и да воспостават контакти со бизнис заедниците од земјите-партнери на проектот. За таа цел ќе биде отворена и веб школа што ќе ги научи младите претприемачи на водење бизнис преку тренинг материјали, курсеви, видеа и други останати корисни алатки.

Во проектот, покрај Македонија се вклучени и Бугарија, Грција, Албанија и Кипар.

До крајот на годинава ќе биде објавен конкурс на кој ќе бидат избрани петте иновативни проекти на млади претприемачи кои ќе можат да прераснат во нивни бизниси помогнати од ментори и со пари од проектот на „БалканМед ИННОВА“. Проект менаџерот Александар Филиповски денеска рече дека изборот на петте најдобри проекти ќе биде извршен на почетокот на следната година по што следи циклус на обуки на носителите на проектите и менторирања. Грантовите ќе бидат доделени во јуни.

 

Содржината е прочитана 74 пати.