Инфо

Министерот за земјоделство разговараше со винарниците околу претстојниот откуп на грозјето

Средбите се одржуваат три месеци пред стартот на бербата на грозјето со цел навреме да се обезбеди сигурен пласман, повисоки откупни цени и поконкурентни производи

вторник, 17 април 2018

Три месеци пред стартот на бербата на грозјето министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски се сретнаа со претставници на винарските визби со цел навреме да може да се планира годинашниот откуп на реколтата и да се избегнат проблемите со откупната цена и со плаќањето со кои се соочуваат и лозарите и винарниците секоја година.

На средбата се разговарало за потребата од носење нов закон за вино, пред се, заради обезбедување квалитетно и конкурентно производство. Николовски истакнал дека обврската на Министерството е да создава услови за непречен откуп и стабилни откупни цени, поволен амбиент и за винарниците и за лозарите, што ќе се постигне само преку навремени средби како со винарниците, така и со лозарите.

„Министерството ѝ дава целосна поддршка на оваа извозно ориентирана гранка. Како Влада сме фокусирани на создавање цврсто договорно производство и на сигурен пласман, повисоки откупни цени и поконкурентни производи и затоа ги започнуваме овие состаноци сега, порано и навреме. Продолжуваме со ваков тип состаноци и со лозарите за да ги слушнеме и нивните предлози и во следниот период да можеме да креираме ефикасни политики и мерки за оваа гранка“, рекол Николовски.

Тој појаснил дека пред почетокот на новата производствена реколта се исплатени над 600 милиони денари субвенции за одржување лозови насади за лозарите и за винарниците коишто имаат сопствени насади.

Претставниците на винарските визби ја истакнале важноста на ваквите состаноци со цел навреме да се разговара за сите отворени прашања и да се направи долгорочна стратегија за развој на лозарството и винарството.

Околу долговите што некои винарски визби ги имаат кон лозарите, Николовски рекол дека Министерството внимателно е насочено кон водење разговори со винарницата „Повардарие“ и дека долгот кон лозарите мора да се исплати.

„Долгот на ‘Повардарие’ изнесуваше 3,5 милиони евра, а сега е 650.000 евра. Во однос на винарската визба ‘Стефанс винери’ отворена e претстечајна постапка, МВР и Интерпол водат истрага, а лозарите како најголеми доверители ќе бидат први исплатени“, рекол Николовски.
 

Содржината е прочитана 65 пати.