Инфо

Автопатот Демир Капија – Смоквица ќе биде пуштен до крајот на месецов

На новата делница ќе бидат изградени две нови патарини, што значи дека од Скопје до Гевгелија ќе има вкупно пет наплатни станици

понеделник, 16 април 2018

Делницата Демир Капија-Смоквица ќе биде официјално пуштена во употреба до крајот на овој месец. Со тоа комплетно ќе се заокружи автопатското решение на Коридорот 10 на територијата на Македонија.

Од Министерството за транспорст и врски велат дека во меѓувреме се отстранети сите пречки што ја одолговлекуваа реализацијата на проектот, што значи дека веќе е изграден контролниот центар во Неготино и е преместен далноводот.

На новата делница ќе бидат изградени две нови патарини, една кај Демир Капија и една кај Гевгелија. Тоа значи дека на делот од Коридорот 10 од Скопје до границата со Грција, ќе има вкупно пет наплатни станици. Се очекува новите патарини да бидат изградени до крајот на годинава.

„Од моментот на давање на дозволата за градба, рокот за изградба е осум до десет месеци. Ќе има две патарини, кај Гевгелија и кај Демир Капија, кои ќе бидат со најсовремен систем за да нема веќе застој“, рече Зоран Китанов, директор на Агенцијата за државни патишта.

Инаку, делницата од Демир Капија- Смоквица, во должина од 28 километри требаше да биде завршена до 1 ноември 2017 година. Изградбата почна во септември 2012 година, а инвестицијата изнесува 218 милиони евра.
 

Содржината е прочитана 47 пати.