Бизнис вести

Бизнисмените да ја користат арбитражата за решавање на споровите, а не да одат по судови

Од Постојаниот избран суд Арбитража при Стопанската комора на Македонија велат дека споровите се решаваат со арбитража во просек за седум месеци, за разлика од редовните судови каде траат по три и повеќе години, а решението што ќе биде донесено е извршно, без право на жалби и повторување на постапката

понеделник, 16 април 2018

Компаниите во земјава малку го користат Постојаниот избран суд Арбитража при Стопанската комора на Македонија за решавање на меѓусебните спорови. Причина за тоа, како што рече денеска на прес-конференција, претседателот на овој суд, Горан Рафајловски е недоволната информираност на компаниите и на адвокатите, но и востановената клаузула во договорите дека спорот се решава по судски пат.

Оттаму апелираат бизнисмените да ја користат арбитражата во споровите наместо да одат по судови, зашто така ќе заштедат и време и пари. Од Постојаниот суд Арбитража при Стопанската комора на Македонија се надеваат дека во иднина таа ќе се користи повеќе, бидејќи, како што потенцираше Рафајловски, во последно време се поголем број домашни компании вметнуваат во договорите клаузула за арбитража.

„Мислам дека бројот на спорови ќе се зголемува. Годишно се решаваат над 10 спора, а можат по 100, но кога ќе видиме дека во последниве неколку години во Македонија се решаваат исклучително мал број стопански спорови во судовите, сметам дека довербата во правосудниот систем е комплетно изгубена и наше е да пробаме да помогнеме таа да се врати во целост“, рече Рафајловски.

Тој појасни дека споровите се решаваат со арбитража во просек за седум месеци и тоа од моментот на поднесување на тужбата до моментот на донесување на правосилна одлука, за разлика од споровите во редовните судови кои траат по три и повеќе години. Решението што ќе биде донесено е извршно и странките немаат право на жалби и повторување на постапката.

Рафајловски вели дека странските компании повеќе ја користат арбитражата, бидејќи одлуките се валидни во 140 земји во светот. Тој апелира компаниите повеќе да го користат овој наместо меѓународните судови и наместо да ја договараат надлежноста на арбитражите во Париз, Цирих или Лондон, домашните и странските компании да ја договараат надлежноста на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, кој има 65 арбитри за решавање на меѓународни спорови и 30 арбитри за решавање на спорови во земјава. Но, арбитражата, како што појасни Рафајловски е отворена и за надворешни арбитри кои можат да ги изберат компаниите, што за нив претставува предност.
 

Содржината е прочитана 114 пати.