Бизнис вести

„Витаминка“ го рестартираше производството на маслото за јадење „Брилијант“

Во погоните во Штип, каде се ангажирани околу 70 поранешни вработени, дневно ќе се произведуваат 150 тони масло, или 39.000 тони годишно. Новиот „Брилијант“ ќе биде достапен со препознатливиот изглед, но помодерен, со мал редизајн на етикетата

понеделник, 16 април 2018

„Витаминка“ од Прилеп почна со производство на маслото за јадење „Брилијант“ со што го рестартираше производството на овој бренд откако пред неколку месеци ја купи штипската фабрика „Брилијант“.

Од прилепската компанија информираат дека од погоните во Штип, каде се ангажирани околу 70 поранешни вработени, дневно ќе излегуваат 150 тони масло, или 39.000 тони годишно. Новиот „Брилијант“ ќе биде достапен со препознатливиот изглед, но помодерен, со мал редизајн на етикетата.

Генералниот директор на „Витаминка“, Сашо Наумоски појасни дека новиот „Брилијант“ е тројно рафинирано масло за јадење произведено со современа и технолошки модерна германска опрема, што ја прави штипската фабрика единствена на Балканот со три рафинатори во производниот процес.

„Со рестартирањео на производството на ‘Брилијант’, ‘Витаминка’ влезе во нова фаза од своето работење и отвори нов перспективи во развојот на компанијата. Покрај обезбедувањето суровинска база за потребите на производството, новиот ‘Брилијант’ претставува висококвалитетен производ единствен по составот, чистотата и технолошкиот процес. Оваа инвестиција за ‘Витаминка’ ќе значи, пред се, подобрена деловност и можнпст за растеж“, рече Наумоски.

„Витаминка“ ја купи штипската фабрика за 7,3 милиони евра. Притоа, покрај целиот недвижен и движен имот, прилепската компанија ги купи и правата од индустриска сопственост, што вклучува трговски марки и индустриски дизајн.
 

Содржината е прочитана 56 пати.