Интервјуа

П.И.К. Ко Македонија - успех базиран врз соработка со светски брендови и сопствено производство

Компанијата како бренд е препознатлива на локалниот пазар како понудувач на квалитетни суровини од препознатливи светски имиња, но за сите наши клиенти и производители од сите области од големо значење е технолошката поддршка што во секој момент може да им ја понуди тимот од стручни и обучени технолози-вели Викторија Шотароска-Трајкова, генерален менаџер на П.И.К. Ко Македонија

понеделник, 16 април 2018


МАРИЛИ: Госпоѓо Шотароска-Tрајкова, компанијата П.И.К.Ко Македонија постои повеќе од 15 години. Кажете ни за каква компанија станува збор, со каква дејност се занимава и која е нејзината основна определба.
ШОТАРОСКА-ТРАЈКОВА:
П.И.К.Ко Македонија е дел од интернационалната групација П.И.К.Ко АД со седиште во Софија, Бугарија. Матичната компанија е основана во далечната 1992 година и таа е водечки снабдувач на суровини и на функционални додатоци во регионов. Идејата за регионално проширување е иницирана во 2001 година, кога е регистрирана П.И.К.Ко Дооел Скопје. 
Компанијата како бренд е препознатлива на локалниот пазар како понудувач на квалитетни суровини од препознатливи светски имиња, но за сите наши клиенти и производители од сите области од големо значење е технолошката поддршка што во секој момент може да им ја понуди тимот од стручни и обучени технолози.
Од почетоците, па сè до денес компанијата неуморно расте и се развива, нудејќи на пазарот огромна палета на суровини и функционални додатоци, со цел да ги задоволи потребите и барањата на македонските прехранбени производители од сите области и да ги издигне на ниво на светски стандарди. 

МАРИЛИ: На кои пазари е присутна компанијата?
ШОТАРОСКА-ТРАЈКОВА:
Компанијата е присутна пошироко во регионов, и тоа во Бугарија, каде што е нашето главно седиште, потоа Србија, Романија, а преку нашата канцеларија во Скопје се регистрирани и се отворени канцеларии со сопствени складови во Косово и во Албанија. Така што со гордост можам да се пофалам дека македонскиот тим го поддржува целокупното работење на П.И.К.Ко во соседните две земји.

 МАРИЛИ: П.И.К.Ко Македонија има и сопствено производство на функционални додатоци. За што поточно станува збор, какви додатоци произведувате и каде тие наоѓаат примена?
ШОТАРОСКА-ТРАЈКОВА:
Следејќи ја во континуитет потребата на нашите клиенти, во 2005 година решивме да почнеме и со наше интерно производство на функционални додатоци и смеси што играат улога на полуфабрикати. Нашите производи се додадена вредност затоа што претставуваат суровини со висок квалитет за навистина конкурентни цени.
Земајќи го предвид ова, како и високата стручност и практичното искуство на нашиот технички тим, поддржан од нашите добавувачи од цел свет, изградивме силна врска меѓу потребите на нашите клиенти и нас како добавувач на суровини.
Денес со гордост може да истакнам дека наш дневен предизвик е да понудиме сè повеќе нови суровини со подобрена функционалност во однос на претходните серии.
Сите процеси во нашата компанија се сертифицирани според ISO 22000 - систем за безбедност на храната. Со цел да се задоволат потребите на нашите клиенти, полуфабрикатите од нашето производство се и ХАЛАЛ сертифицирани.


МАРИЛИ: На што се должи успехот што го има постигнато компанијата, со оглед на тоа што имате добиено и неколку награди?
ШОТАРОСКА-ТРАЈКОВА:
Не постои само една причина што е основна за да се постигнат сите овие резултати во изминативе 16 години. Најнапред, еден од главните и водечки предуслови е соработката со светски познатите фирми и брендови на производители на суровини за прехранбената индустрија, за повеќето од нив ние сме овластени претставници во земјава и во регионот каде што постои нашата групација. За да може професионално да се одработат сите тие брендови и соодветно да се претстават на пазарот, навистина е неопходно да се има добар тим од инженери и технолози, кои неизмерно си ја сакаат својата работа и на најпрофесионален начин им ја даваат поддршката на нашите клиенти во развојот на нови продукти. Исто така, мора да се нагласи и целокупната поставена организација во компанијата.
Со цел да се постигне врвен и препознатлив професионализам, нашата компанија го заокружува целокупниот процес интерно, односно имаме сектор логистика за беспрекорно организирање на транспортот и навремено испорачување на стоката, сектор шпедиција што исклучително работи на нашите увози и извози, финансиски и правен сектор и наш сопствен магацин од каде што на дневно ниво ги снабдуваме нашите клиенти.
 

Сите овие алки од синџирот П.И.К.Ко се клучен и неминовен фактор за целокупните успеси на компанијата што се потврдени и со последната награда од Организацијата за европски награди ( European Business Awards) каде што бевме прогласени за Национален шампион во категоријата „Грижа за корисници“, со што се потврдува нашата мисија.

 
 
 
 
МАРИЛИ: Вие сте интернационален менаџер. Што Ви претставува предизвик во работењето, колку вложувате во себе за да постигнете личен успех, но и успех на компанијата?
ШОТАРОСКА-ТРАЈКОВА:
Морам отворено да признаам дека секојдневно се среќаваме со предизвици. За да се организира работењето во три земји потребни се навистина многу време, огромна енергија, трпение, но, пред сè, добро разбирање и познавање на работата со цел таа да биде одлично завршена. Многу често како предизвик се појавуваат и локалниот менталитет, навиките и обичаите кај колегите и кај клиентите од соседните земји, но сето тоа мора да се надмине на најпрофесионален начин и, секако, целта да биде реализирана. Инвестирањето во мојата лична едукација во делот на неформалното образование на различни теми и области што буквално многу интензивно се одвива во последниве осум години, навистина е од пресудно значење за мојот личен и професионален развој и, секако, за успехот на компанијата.

 
 
МАРИЛИ: Како ги надминувате предизвиците и пречките со кои се соочувате во работењето? Од каде ја црпите силата и кои се факторите за успех?
ШОТАРОСКА-ТРАЈКОВА:
Од пресудно значење за успехот во работата е огромната љубов кон тоа што го работам. 

Јас буквално се идентификувам со мојата работа; компанијата и работата ги доживувам на ниво на идентитет. Според моето мислење, невозможно е да се постигне успех на кое било поле ако човек не се вложи со сите свои емоции, фокусирано и посветено. 
Сметам дека на ваков начин, преку мојот личен пример, ги мотивирам и моите колеги - мојот тим, па на ист начин заедно ги совладуваме пречките и предизвиците на дневно ниво.
Бидејќи водечка сила за сѐ во животот ми е љубовта, значи силата ја црпам од љубовта - љубовта од семејството, љубовта кон природата, љубовта кон патувањето и откривањето нови светови, љубовта кон храната и откривањето нови вкусови...

 
МАРИЛИ: Како ги усогласувате приватниот живот и професионалниот ангажман?
ШОТАРОСКА-ТРАЈКОВА:
Функцијата регионален менаџер е навистина одговорна и за нејзино извршување потребни се максимална посветеност и присутност, како физичка, така и психичка, особено затоа што таа е поврзана со многу службени патувања, состаноци, отсуства од дома што знаат и да се пролонгираат...
Но, секако, позитивната енергија, поддршката и хармонијата во домот се извор на дополнителната сила што е пресудна за да ги постигнам потврдените резултати на професионален план.
Едноставно, без огромната несебична поддршка од мојот сопруг ова навистина не би било возможно.
И покрај тоа што временски многу често ми е предизвик, сепак, успевам неколкупати во неделата да издвојам време само за себе и за моите лични активности, фитнес, кафе со пријателите, некој концерт и сето тоа така убаво спакувано за да се чувствувам целосно реализирана.
Во нашиот дом веќе две и пол години светка една ѕвездичка - нашата ќерка. Таа е мојата мотивација и мојата светлина и покрај тоа што сега сум и енергетски и емотивно повеќе истрошена посветувајќи ѝ се на неа, истовремено од таа безусловна љубов ја црпам најголемата енергија што едноставно ме води напред.

 

 


 

Содржината е прочитана 1281 пати.