Инфо

Македонија го враќа стариот правилник за увоз на српско брашно

Вицепремиерите на двете држави, Кочо Анѓушев и Расим Љаиќ договориле враќањето на стариот правилник за контролните маркици да биде привремено решение, а при увозот да се овозможат услови македонските инспектори да направат непречен инспекциски увид на брашното на граничниот премин

петок, 13 април 2018

Македонија попушти за увозот на српското брашно, ќе го врати стариот Правилник за контролните маркички. Тоа значи дека маркичките на сите пакувања српско брашно повторно ќе се лепат во Србија. Ова било договорено на вчерашната средба на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев со српскиот колега Расим Љаиќ. Од кабинетот на Анѓушев велат дека се работи за привремено решение и оти допрва ќе се прецизира кога ќе почне да се применува.

„Од македонска страна е договорено како привремено решение да се работи на враќање на стариот правилник за контролните маркици за брашно, кој важеше до 7 февруари оваа година. Но, при увозот на брашното треба да се овозможат услови за непречен инспекциски увид на увозното брашно од страна на инспекторите на македонската Агенција за храна и ветеринарство на граничниот премин, со што ќе се контролира дали маркиците се соодветно залепени на брашното и дали брашното има соодветна деклариција“, се вели во соопштението од кабинетот на Анѓушев.

Проблемот со увозот на српското брашно настана откако Македонија воведе измени на Правилникот што, пак, наиде на остра реакција од Србија од каде беше најавено воведување контрамерки. А, измените, чија цел беше, како што образложија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, да се гарантира дека брашното е безбедно за употреба, предвидуваа маркичките да се лепат дури откако брашното ќе се испита во лабараториите од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство. Но, по реакциите од соседна Србија, беше договорено маркичките за пакувањата од еден, два и пет килограми да се лепат во Србија, а на тие од 25 и 50 килограми, во Македонија.

На средбата вицепремиерите се договориле владите на двете држави да направат напори до 30 јуни да бидат потпишани и ратификувани Меморандум за соработка во областа на безбедност на храна и ветеринарнство и Меморандум за фитосанитарна соработка, со кои меѓусебно ќе бидат признаени сертификатите на двете земји, додека српските гранични служби се обврзуваат да ги отстранат бариерите во трговијата на ориз, сувомеснати млечни производи од Македонија во Србија.
 

Содржината е прочитана 75 пати.