Инфо

Седма годишна истражувачка конференција на НБРМ

Конференцијата, што традиционално се одржува во знак на одбележување на монетарното осамостојување на Македонија е насловена „Речиси една деценија по кризата: На патот кон новиот глобален циклус и нормализирање на монетарната политика“

четврток, 12 април 2018

„Речиси една деценија по кризата: На патот кон новиот глобален циклус и нормализирање на монетарната политика“ е насловена седмата годишна истражувачка конференција на Народната банка на Република Македонија што се одржува во Охрид, во знак на одбележување на монетарното осамостојување на Македонија.

Конференцијата ја отвори гувернерот на НБРМ, Димитар Богов кој ја потенцираше потребата од соочување на централните банки и на економистите-истражувачи со новите предизвици. Притоа тој се осврна на актуелните состојби во светската економија, но и на македонската и на економиите на земјите од Западен Балкан.

„Во овој момент, прашањата коишто треба да си ги поставиме и на коишто треба да се осврнеме би биле: колку е силно и одржливо глобалното закрепнување, кои се причините за намалената инфлација, каква треба да биде динамиката на нормализација на монетарната политика, дали банките се поеластични сега, дали сме подобро подготвени да ги спречиме ризиците? Можеби ова се едноставни прашања, но немаат едноставни одговори“, рече Богов.

Во рамки на првата сесија од првиот работен ден на Конференцијата беше врачена Годишната награда за најдобар труд на млад истражувач од областа на макроекономијата и банкарството, којашто Народната банка традиционално ја доделува од 2007 година. Годинава му е доделена втора награда на младиот истражувач Кирил Симеоновски, за трудот „Економски раст во услови на оптимално управување со јавниот долг во Македонија“.
На Конференцијата учествуваат претставници на централните банки од регионот, од ЕУ, на Европската централна банка, како и претставници од академски институции од Италија, Шведска и од Македонија, а дискусија за темите на истражувачките материјали ќе имаат и претставници на Лондонската школа за економија, Европската централна банка, Универзитетот од Орлеанс и од НБРМ.
 

Содржината е прочитана 65 пати.