Бизнис вести

Расте трговската размена меѓу Македонија и Германија

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев се сретна со делегација од Сојузното германско собрание, предводена од Гунтер Крихбаум, претседавач на Комитетот за односи со ЕУ во Бундестагот на која беше истакнато дека Сојузна Република Германија е прв трговски партнер на Република Македонија

четврток, 12 април 2018

Економската соработка меѓу Македонија и Германија е на високо ниво, а расте и трговската размена меѓу двете држави. Ова беше потенцирано на вчерашната средба на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев со делегација од Сојузното германско собрание, предводена од Гунтер Крихбаум, претседавач на Комитетот за односи со ЕУ во Бундестагот.

Анѓушев истакна дека Сојузна Република Германија е прв трговски партнер на Република Македонија, дека во нашава држава работат многу компании со германски капитал и оти радува што соработката се развива дополнително.

„Во Македонија работат околу 200 компании со германски капитал. Германија е земја со која Македонија има најголем суфицит во трговската размена, кој во 2017 година изнесуваше над 1,5 милијарди евра. Задоволство е што во првите два месеци од 2018 година во однос на првите два месеци во 2017 е забележан раст од 27 проценти во трговската размена помеѓу двете земји и над 30 отсто на извозот во Германија, што покажува дека соработката се унапредува и расте“, рече Анѓушев.

Вицепремиерот ги запозна германските парламентарци со Планот за економски раст со кој се стимулираат нови инвестиции, посочувајќи дека мерките се одлична можност за нови инвестиции од страна на постоечките, но и од други германски компании, со кои, пак, ќе се зголеми конкурентноста и ќе се создадат услови за отворање нови работни места и за повисоки плати за граѓаните на Македонија.

На средбата беше потенцирано дека стабилната политичка ситуација и владеењето на правото во Македонија се неопходни за инвеститорите да чувствуваат сигурност. Претставниците на Бундестагот истакнаа дека спроведувањето на реформите што ги презема македонската влада се добра основа за целосно интегрирање на државата во ЕУ и НАТО.
 

Содржината е прочитана 69 пати.