Инфо

Економијата во Македонија лани имала 0 проценти раст

Во редовниот извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан се прогнозира раст од 3,2 отсто за оваа и од 3,5 проценти за 2019 година, откако регионалниот БДП забележа пад од 2,4 проценти во 2017 година

среда, 11 април 2018

Лани економијата на Република Македонија забележала 0 проценти раст, се вели во редовниот извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан. Во извештајот се додава дека минатата година стагнирала и економијата на Србија, што во пакет со Македонија придонело за пад на регионалниот БДП од 3,1 отсто во 2016 година на 2,4 проценти во 2017 година. Сепак, по минатогодишната стагнација, СБ предвидува раст од 3,2 отсто за оваа и 3,5 отсто за 2019 година за земјите од Западен Балкан.

„Влијанието на политичката криза врз економијата во Македонија беше подолго од очекуваното. Растот забави на нула во 2017 година заради големото намалување на инвестициите. Но, економијата веќе започнува да закрепнува во 2018 година, предводена од потрошувачката и закрепнувањето на инвестициите. Нашите прогнози се позитивни за блиска иднина“, рече директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели.

Економистот во СБ во Македонија, Бојан Шимбов појасни дека во креирањето на 190.000 работни места на Балканот, Македонија учествува со 18.000.

„И покрај стагнацијата на економијата, има позитивно поместување на пазарот на трудот. Мерките за вработување треба да бидат активни без фискални импликации како во минатото“, рече Шимбов и додаде дека според извештајот на СБ во 2017 година партиципацијата на пазарот на труд достигнала 57,2 отсто, додека, пак, невработеноста се намалила до историски најниско ниво од 22,4 проценти.

Што се однесува до емиграцијата, Македонија забележала најголем раст на емиграцијата во 2015 година, кога се иселиле 25 отсто од населението.

„Долго не е спроведен попис и точната бројка не може да се одреди. Извор на податоците се Обединетите нации и Виенскиот институт, со што проксимативно, бројката е 25 отсто од популацијата. Во 2015 година сме имале исторски максимум на иселување, споредено со 2000 година. Трендот на иселување на висококвалификувана работна сила продолжува“, рече Шимбов.

Минатата година кредитниот раст во Македонија продолжил, но главно бил насочен кон домаќинствата каде кредитирањето се зголемило за 9,2 отсто, додека корпоративното кредитирање останало релативно ниско, со раст од 2,6 проценти.

Од Светска банка очекуваат пораст на БДП како резултат на потенцијалното членство на земјава во ЕУ и НАТО, што, пак, би влијаело позитивно на економскиот раст и на.зголемување на сигурноста на странските и на домашните инвеститори. На Владата ѝ препорачуваат континуирани заложби за фискална консолидација, воведување даночни реформи за мобилизирање приходи, зајакнување на даночните приходи и ревидирање на даночните стапки, рационализирање и подобрување на квалитетот и ефикасноста на социјалните трошења, рационализација на субвенциите посебно во земјоделството, како и обезбедување одржливост на пензискиот систем.
 

Содржината е прочитана 61 пати.