Бизнис вести

Македонија да биде изземена од мерките на САД и ЕУ, бараат производителите на челик

Во македонската челична индустрија работат околу 3.000 лица, но, покрај нив, вклучително со индиректно поврзаните дејности, од мерките на САД и ЕУ ќе бидат погодени вкупно 15.000 луѓе

вторник, 10 април 2018

Македонија да биде изземена од мерките на САД и ЕУ за ограничен увоз на челични производи, бидејќи не претставува закана за нивните пазари, ниту може на каков било начин да ги загрози, бара Здружението на металургија при Стопанската комора на Македонија.

Здружението апелира македонската економска дипломарија максимално да се заложи во овој правец и сериозно да укаже на последиците од овие мерки по развојот на македонското национално стопанство.

„Извозот на македонските челични производи е 256.000 тони, или само 0,87 отсто од вкупниот увоз во ЕУ. Притоа се реалзиира по нормални, а не по дампинг цени. Од вкупниот увоз во САД, пак, на македонски производи отпаѓа количина со четири децимали“, истакна претседателот на Здружението на металургија, Митко Кочовски.

Кочовски подвлече дека тие минорни 0,87 отсто за ЕУ, значат многу за македонската економија. Со тој извоз, практично, челичната индустрија остварува 5,7 проценти во БДП.

Освен заштитата од увоз на одредени челични производи, дополнителен удар, потенцира Кочовски е и мерката на ЕУ за ограничен извоз на старо железо.

Во македонската челична индустрија работат околу 3.000 лица, но, покрај нив, вклучително со индиректно поврзаните дејности, од мерките на САД и ЕУ ќе бидат погодени вкупно 15.000 луѓе. Како што рече Кочовски, годината почна многу добро, пазарот заживеа и цените беа добри, но сега индустријата е соочена со еден од најголемите предизвици кој може да биде фатален за македонската економија.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 79 пати.