Интервјуа

Јакимовска: Произведуваме за европскиот пазар, но градиме и домашен бренд Somnia

Интервју со госпоѓица Ирена Јакимовска, генерален менаџер на компанијата „Комфи Ангел“ - Прилеп, една од 10 најуспешни жени менаџери за 2017 година според изборот на агенција „Марили“

вторник, 10 април 2018

МАРИЛИ: Госпоѓица Јакимовска, претставете ни ја компанијата „Комфи Ангел“, од аспект на сосопственик и генерален менаџер.
ЈАКИМОВСКА:
Во 2004 година јас и моите партнери од Англија од фамилијата Мориусеф ја основавме„Комфи Ангел“. Нашата филозофија беше да направиме компанија што ќе постои и по нас. 

До пред шест години работевме само класична доработка за потребите на партнерот, но сфативме дека во тоа нема доволно приходи за да може да се развиваме и за да одиме напред и одлучивме да формираме сектор продажба, сопствен бренд и сопствено производство. 

Оттогаш 99% од производството го извозуваме речиси во цела Европа, а продолживме и во Англија. Компанијата е специјализирана за производство на перници, јоргани, заштитници за јога и сѐ за спална соба. Основното мото ни е најмногу да инвестираме во вистинскиот капитал што го поседува оваа компанија, а тоа се човековите ресурси. Имено, вработените соодветно ги мотивираме материјално и постојано работиме на нивната надградба. 

МАРИЛИ: Што го прави производството на „Комфи Ангел“ конкурентно на европскиот пазар, ако се има предвид големиот притисок во текстилната индустрија, особено од стоки од азискиот свет?
ЈАКИМОВСКА:
Во исклучително конкурентскиот свет ние никогаш не помисливме да понудиме евтин производ на пазарот. Никогаш не помислувавме дека на пазарот треба да бидеме препознатливи по евтина работна сила. Ние нудиме квалитетна работна сила, соодветно едуцирана и задоволна, која сето тоа го пренесува на крајниот производ. Од сите други компании во Европа каде што извезуваме дефинитивно нѐ издвојува континуитетот во квалитетот според соодветни стандарди, од почетокот сме искрени и доследни, етични и морални во соработката со партнерите и на нашите купувачи им го правиме животот едноставен.

МАРИЛИ: Која предност на Р. Македонија, како европска земја, треба да се искористи за да се вложува во текстилната индустрија и кои мерки во делот на регулативата треба да се преземат за да се подобри бизнис-климата?
ЈАКИМОВСКА:
Ние сме преработувачка индустрија, односно го преработуваме основниот материјал, така што добиваме тарифен број со ЕУРО 1 документ, а тоа значи дека нашите производи не подлежат на давачки и имаме големи предности во однос на текстилните и на конфекциските индустрии. Предност е што може да бидеме креативни во креирањето и во измислувањето нови производи и затоа не се ставаме на исто рамниште со конфекционирањето што зависи претежно од увоз. Ние географски спаѓаме во Европа и пристапот на нашите производи до европските пазари е многу побрз и поедноставен, нема ограничувања во однос на минимум или максимум количини, може да бидеме пофлексибилни во однос на доставувањето и на европскиот пазар поедноставно му е да соработува со ваков тип компании. Секогаш не е пресудна цената. Пред извесен период вицепремиерот Анѓушев ги презентираше мерките што ги презема Владата за промовирање, особено на извозно ориентираните компании и тие ќе имаат позитивно влијание, конкретно за нашата компанија во делот на инвестирањето во развојната политика, во техничко-технолошкиот процес, сметам дека тука заостануваме и мора да одиме понапред, да бидеме чекор пред конкуренцијата за да може соодветно да ги опслужиме европските пазари. Ако се остварат одредени норми - со број на вработени, приходи, профит - добивате одредено субвенционирање на тие инвестиции, што постојано го барав преку Стопанската комора. 

Сега работиме на втората мерка - B2B средбите преку Советот за странски инвестиции - промовирање на домашните мали и средни компании за да може да се надградат, со цел да ги опслужуваат странските инвестиции со услуги и со производи и за да може да се вклопат во процесот на производството. На тој начин правиме индиректно зголемување на бројот на вработени, директно зголемување на количината на извозот од Македонија, промовирање на македонскиот производ и, клучно, ги подигнуваме стандардите на процесот на производство на стоки и на услуги на соодветно ниво за потребите на европскиот пазар.



МАРИЛИ: „Комфи Ангел“ креираше и сопствен бренд. Колку е тешко со сопствен производ домашниот текстил да се бори на европскиот и на светскиот пазар?
ЈАКИМОВСКА:
За сè е потребно време, но ако сте доследен на идејата и ако сте посветени на работата, дефинитивно, таа се реализира. Во наредниот период сакаме да го сработиме тоа што го изоставивме, затоа што главен фокус ни беа европските пазари, односно ги запоставивме македонскиот пазар и Западен Балкан. Имено, може да се пофалиме дека без некои маркетингшки трошоци во овој момент имаме изработено над половина милион евра продажба на македонскиот пазар. Тоа е многу без никакви вложувања и со конкуренција. Секако помогна и онлајн-продажбата со која првпат почнавме годинава на македонскиот пазар, а веќе ја шириме на регионот. Нашиот бренд e „Somnia“ и не го измисли топ-менаџментот. Вработените даваа предлози како да се вика брендот, ова е предлог од еден вработен, ние го прифативме и го промовиравме. Една од владините мерки ги дополни прописите за земјите од Западен Балкан во однос на царинските давачки и на оданочувањата и тоа дополнително ќе ни помогне да го промовираме сопствениот производ под сопствен бренд. „Комфи Ангел“ работи за потребите на крајните купувачи под нивни брендови, промовираме наш бренд, а сите наши брендови одат под брендот „Somnia“.

 Постои голема конкуренција, но ако имате поинаков пристап, знаете што и кои услуги ги нудите на пазарот и ако верувате во себе, ако вашите постулати се морал, етика и соодветно третирање на партнерот, со континуиран квалитет на производот, тогаш успехот е гарантиран.

МАРИЛИ: Вие сте меѓу ретките успешни менаџери во Р. Македонија што во изминатиов период ги зголеми бројот на вработените и капацитетите. Кој е главниот фактор за ваквото успешно работење?
ЈАКИМОВСКА:
Предуслов за да бидете успешен во нешто е да верувате во тоа што го работите, да не се декларирате како најбитни во компанијата, да не ја дефинирате како место каде што работат 1.000 вработени, за која работат над 400 набавувачи, чии партнери се јавни институции и банки, да бидете свесни дека вие ги носите бремето и одговорноста за сите што учествуваат во целиот круг на нејзиното функционирање. Изборот на тимот е клучен. Основата на нашиот кадар, особено на високообразованиот, кој е движечка сила во компанијата, произлегува од Економскиот факултет во Прилеп. Кадарот секогаш има потенцијал и треба да се вложува во неговата едукација за да соодветствува на потребите на тимот. Македонија се соочува со значително иселување на младите, но тоа се случува и во Германија. Тоа што треба да го направиме како работодавци и, генерално, како држава е да најдеме начин да ги мотивираме младите стручни кадри да се вратат, а ќе дојдат со повеќе знаење и со нови искуства. Мора да се трудиме да ја задржиме структурата што постои сега и да направиме доволен прогрес за да ги мотивираме да се вратат и да направат импакт во општеството.


 

МАРИЛИ: Во изминативе години добивте национални и меѓународни награди. Колкава посветеност е потребна за да има бизнисот ваков успех? Колку успешни компании во Европа се менаџирани од жени?
ЈАКИМОВСКА:
Менаџирањето не препознава пол, така што за нашата компанија никогаш не се наведува дека е управувана од жена или од маж. Најголемите награди што ги добива „Комфи Ангел“ или Ирена се насмевките на вработените, задоволните купувачи и набавувачи, а сè друго е потврда за нашите успеси, нешто што ми дава стимул да продолжам. Добив Награда за бизнис во Европа што ми беше доделена во Лондон, Награда на ниво на Општина, Национална награда за избор за бизнис на годината и други. Само среќен набавувач, среќен вработен и среќен купувач може да формираат целина. Откако ќе воспоставите систем и ќе ги поставите вистинските луѓе на вистинското место, сфаќате дека треба да преминете на друго ниво. Тогаш можеби не е многу потребно вашето присуство во компанијата и почнувате 24 часа да размислувате за нов предизвик. А кога еден ден ќе остарат моите идеи и желби, јас, како основач, ќе се повлечам и ќе донесам професионален менаџер. Едноставна е причината поради која нема многу жени на менаџерски позиции. Ако станете мајка и сопруга, ако сакате да бидете добра во тоа што го работите, треба да им бидете бескрајно посветена. Но не може без одредена жртва за нешто. Предизвикот, стравовите и борбата се огромни и тие се втората причина поради која има малку жени на функција. Понекогаш во светот на бизнисот мажите се бескрупулозни и ако немате доволно храброст да се соочите со тие ситуации, не може да опстанете. Јас немам семејство и деца, така што моите стравови се помали од тие на другите. Не се разликувам од другите жени, само сум во ситуација да може да бидам многу похрабра, да го издржам сето она низ што сум поминала. Би сакала да пратам порака до сите работодавци - затоа што ние може да влијаеме во општеството преку нашите вработени и преку деловните односи што ги воспоставуваме - време е да ја вратиме колективната свест во Македонија и да ги надминеме разликите меѓу луѓето. Да ги вратиме луѓето меѓу нас, да нема разлики, негативна енергија, омраза, со цел да ги надминеме нетолеранцијата и негативната енергија меѓу работодавецот и работникот. Тие секогаш ќе бидат на различна страна, но добро е да се има на ум поговорката: Никому не прави му го тоа што не сакаш тебе да ти го прават.

 

 

 

Содржината е прочитана 561 пати.