Инфо

Владата ќе инвестира над 300 милиони евра во нова патна инфраструктура во Источниот регион

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој заедно со директорот на Агенцијата за државни патишта, Зоран Китанов беше во обиколка на работите на експресниот пат Штип-Кочани рече дека автопатот Штип-Миладиновци, според договорот со кинески „Синохидро“, се очекува да биде завршен до крајот на септември

четврток, 05 април 2018

Владата е силно фокусирана на изградбата на патишта во источниот и југоисточниот регион, за каде се предвидени над 300 милиони евра, кои ќе бидат инвестирани во нова патна инфраструктура, изградба на автопати, два експресни патишта и реконструција на магистралните и регионалните патни правци.

Ова го рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој заедно со директорот на Агенцијата за државни патишта, Зоран Китанов беше во обиколка на изградбата на експресниот пат Штип-Кочани. Притоа додаде дека истовремено се работи и на автопатот Штип-Миладиновци, кој, според договорот со кинески „Синохидро“ се очекува да биде завршен до крајот на септември.

Директорот Китанов потенцираше дека проектот за експресниот пат Штип-Кочани има неколку пропусти, но оти не верува дека проблемите ќе ја забават изградбата. До сега е 20 отсто трасирана делницата од Штип до село Крупиште и над 95 проценти е завршена експропријацијата на земјиштето.

„Ова е нов патен правец, кој има 28 километри должина. Во моментов се работи на делницата од Штип до Крупиште, која има 14 километри и вредност од околу 20 милиони евра. За втората делница, која што треба да биде од Крупиште до Кочани, во моментов се одвива тендерска постапка и по нејзиното завршување ќе се отпочне со сите активности“, појасни Сугарески.

Китанов реле дека за 10 дена официјално ќе стартува изградбата на експресниот пат Штип–Радовиш, инвестиција вредна околу 40 милиони евра. Се работи за потполно нова траса што ќе оди од штипскиот затвор до рудникот „Бучим“, а ќе треба да биде изградена за најмногу три години.
 

Содржината е прочитана 94 пати.