Инфо

Започна пријавувањето за субвенционирање на трошоците за вградување нови прозорци и сончеви колектори

Огласот на Министерството за економија е отворен до крајот на август, но изборот на оние кои ќе добијат надоместок ќе се врши по принципот прв дојден, прв услужен

четврток, 05 април 2018

Започна пријавувањето за субвенционирање на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци и за купени и вградени сончеви термални колекторски системи. Министерството за економија го објави огласот, според кој пријавувањето трае до крајот на август. Изборот на оние кои ќе добијат надоместок ќе се врши по принципот прв дојден - прв услужен, сè до искористување на предвидените средства за оваа намена.

Надоместокот на дел од средствата за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци ќе може да го остварат лицата кои имаат купено и вградено ПВЦ или алуминиумски прозорци во своите домови во периодот од денот на објавувањето на јавниот оглас, под услов купувачот да го нема искористено ова право врз основа на минатогодишниот јавeн повик на Министерството за економија. Притоа на граѓаните ќе им бидат надоместени до 50 отсто од вложените средтсва, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност. За оваа субвенција Министерството има обезбедено буџет во износ од 30 милиони денари.

Граѓаните кои ќе аплицираат за овој надомест треба да пополнат образец за барање, кој може да се подигне во архивата на Министерството за економија, или да се обезбеди преку интернет-страницата на Министерството, треба да достават доказ во оригинал дека е извршено купувањето ПВЦ или алуминиумски прозорци (фискална сметка или фактура со извод од деловна банка за извршено плаќање за производот/услугата, издадени по денот на објавувањето на огласот), потоа фотографии во боја од секој дрвен прозорец што се заменува во домот и фотографии во боја од секој нов прозорец што се вградува во домот (пред и потоа), како и фотокопија од лична карта и податоци за трансакциската сметка на барателот.

За надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата за 2018 година, обезбедени се 6 милиони денари. Се надоместуваат до 30 отсто од направените трошоци, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност за домаќинство.

За оваа мерка може да аплицираат сите домаќинства што имаат купено и вградено во своите домови колекторски систем во периодот на времетраење на јавниот оглас, а притоа го немаат искористено правото на поврат на дел од средствата за оваа намена врз основа на претходните јавни огласи на Министерството за економија објавени во 2007, 2009, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016 и во 2017 година. Заинтересираните треба да достават пополнет образец за барање, доказ во оригинал дека е извршено купувањето на сончевиот колекторски систем, фотокопија од лична карта и податоци за трансакциската сметка на барателот. И за оваа мерка доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот прв дојден, прв услужен сè до искористување на предвидените средства.

Барањата за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација треба да се достават во затворен плик до Министерство за економија на адреса „Јуриј Гагарин“ бр. 15, по пошта или директно во архивата на Министерството, секој работен ден од 9,.30 до 15 часот, со назнака за огласот за кој се пријавува.
 

Содржината е прочитана 117 пати.